ТАИНСТВЕНА ЧУКА КАЈ ЧЕПИГОВО

Мајката на Александар Македонски е погребана во месноста Чуката кај селото Чепигово. Тука се најдуваат и некрополата на Александар – Петти, еден од наследниците на македонската империјата на Александар Велики.

Вака тврдат анонимни археолози и диви копачи по арехолошки остатоци.

Археолози велат дека чепиговската Чука не е ниту сондирана да се знае дали и каква историја се крие во утробата на земјата.

Според нив, точно е дека нивите околу се полни со керамички и други остатоци, но не може да се предвиди додека не се направат првични истражувања што конкретно се сокрива во длабочината на ридот, што селаните го викаат Чуката.

Големи мермерни плочи се сведоштва дека постоеле накакви градби на Чуката.

Жителите на Чепигово велат дека во подножјето биле откриени камени плочи на порти при ископувањето на каналот пред педесетина години.

– Работниците кажуваа дека имало и остатоци од скали и тунели што воделе кон врвот на Чуката. Сето тоа е затрупано, бидејќи се работело под превезот на строга тајност. При орањето се најдуваат парчиња и камења со елементи кои укжуваат дека биле некаде вградени. Дури има и остатоци од камени ѕидови, врзувани со вар. Луѓе често “рашетуваат” по Чуката и над археолошкиот локалитет Стибера. Штом пребаруваат, веројатно има некакви знаци – велат чепиговчани.

Селаните пренесуваат предание дека бугарските војници од Првата светска војна откриле грне со хелинистички златни пари при копањето на  рововите. Првин ги поделиле меѓу себе, но кога разбрал некој учен офицер, им ги собрал и ги предал во бугарските музеи.

Чепиговчани ја доживувале Чуката како мистериозно место заедно со мочурливата околина.

– Околу мочуриштата ги пасевме говедата, додека од калта и шамакот понекогаш излегуваше некаков крик на говедо што го вонемируваше нашиот добиток. Не можевме да откриеме што се случува – се сеќава старите жителите на детството минато како говедари.

Археолозите слушале за многу легенди за Чепигово. Една од нив е дека долг смок со златни обетки го чува локалитетот Стибера. Но, легендите се едно, а науката друго.

Се знае дека педесетите години од минатиот век археологот Вулиќ го “отворил” локалитетот Стибера, а потоа бил оставен на милост и немилост на времето, сé до последниве години кога се работи на санација. Но, за Чуката нема пишани документи дека се крие нешто значајно. И починатиот доктор Бошко Бабиќ, не нотирал дека се откриени порти, тунели или скали за качување при копањето на каналот кај Чепигово.

– За отпочнување на археолошко истражување првин е потребно да се најдат знаци за значајни историски елементи. Земјиштето е во приватна сопственост на повеќе селани. Затоа првин треба да се експроприра и да плати, а понатаму да се сондира и истражува – велат истражувачите.

Дотогаш е подобро да не се “чепка” и да се предизвикуваат дивите копачи, додека не се влезе во сериозен истражувачки зафат.

Loading