ПОЛНИ БОЛЕСТИ?!

Во рекламите што ги слушаме на нашиве ТВ и преводите што ги читаме, врие од јазични грешки. Недозволено многу. Никој не мисли за тоа, никого не го интересира. Имало некакво оправдание за рекламите. Нив не ги лекторирале. Ги емитувале како што ќе ги добиеле. Ако не ги лекторираат во ТВ , треба да бидат лекторирани на некое друго место. Но, тоа не се прави никаде. Како обично, како и за многу други работи, разно-разни институции и поединци се прогласуваат за ненадлежни. Така е и со рекламите. А како е со преводите – ужас! Кои се тие луѓе што преведуваат и каде се тие што треба да лекторираат? Најпосле, каде се уредниците, каде се директорите?

Овојпат ќе земеме само по еден пример од рекламите и од преводите. Превод на извесен сериски филм. Една актерка во филмот, изговара ваква реченица: “Ме заразил со полни болести”. Ваквата реченица е дело на преведувачот, нели? Какви се тие болести кои се “полни”? Нема белки некои болести кои се празни. Јасно е дека преведувачот мислел на ПОЛОВИ болести, но бидејќи Србите велат “полни” болести, зошто многу да му ја мислиме. Ја земаме нивната форма. ПОЛОВИ болести, а не ПОЛНИ. Уште подобро, ВЕНЕРИЧНИ болести, според името на Венера, божица на убавината, на љубовта. Да споменеме дека таа венерична болест (сифилис) за првпат е точно забележана и опишана кај француски војник во 1494 година, кога француската војска го има окупирано Неапол. Болеста е наречена морбус галикус (француска болест). Тоа сепак не значи дека Французите ја донеле, но ете, името останало. И нашите стари ја викаат така. Малку се оддалечивме од темата. Не треба да се биде некој голем познавач на јазикот да се знае дека не е “полна” болест, туку е ПОЛОВА. Нели имаме полови органи, полови клетки, полови односи – а не ПОЛНИ?!

Ги спомнавме рекламите. Гледаме некоја емисија, а долу на екранот се појавуваат некакви реклами. Вниманието е насочено во содржината од емисијата, и така, не толку внимателно, го читаме долниот текст. Пишува: “Одела по мерка”. Малку расеано, се прашувавме која е таа која одела по мерка. Потоа разбравме, размисливме. Тоа е реклама за некаква облека. И тука скопјани го земаат српскиот збор – “одела”, наместо “костуми”. Тој збор “одела” е српски и е добиен од глаголот “одевати се”. Кај нас нема никаков корен и не треба да има никакво место. Одамна, многу одамна, кај нас е зацврстен зборот КОСТУМ. Постои и машки и женски, па и детско костумче. И во Прилеп, некои “помодерни” ја употребуваат именката “одело” со неточен акцент. Ако се акцентира правилно, на третиот слог одназад, ќе се добие глагол – детето ОДЕЛО на училиште. Во односната реклама постои уште една грешка. Именката “мерка” нема исто значење со именката “мера”. Тие костуми се по мера, ќе ти земат мера и ќе ги сошијат. А “мерка” е санкција- мерка притвор, мерка опомена и многу такви. Мерката има некаква административна содржина за некаква одредница.

Извесен политичар зборува за проблеми кои треба да се решаваат. Работата била сериозна, дека треба целосен ангажман. Треба сите да се ангажираат, да бидат крајно мотивирани. И на крајот вели: “Треба да бидеме изузетно мотивирани”. Каде ли го најде тој прилог – “изузетно?” Зошто не ИСКЛУЧИТЕЛНО, НАПОЛНО, ИСЦЕЛО и којзнае уште како? “Изузетно” е српски збор. Именката гласи “изузетак”.

За крај, мнозина се јавуваат со разно-разни рецепти. Некои за јадење, некои за готвење, некои како лекови. Објаснува госпоѓа за својствата на рузмаринот. Кој има болки во зглобовите, да користи тинктура од рузмарин. Да ги мачка болните места, рузмаринот им помага на болките!

Ете така! Кој има болки нека им помага со рузмарин. Така вели госпоѓата.

Што не ќе чуеме!                                                                                                                                                          

Loading