МОЖЕН ЛИ Е ПОДВИГ НАД ШАМПИОНОТ?

Фудбал: Прва лига

Мина паузата од долги три недели. В недела (13 ч.) на Градскиот стадион е дуелот Победа – Шкупи, во 16. рунда на фудбалската Прва лига. Шкупи како шампион е фаворит, а Победа аутсајдер. Гостите се втори на табелата, со 14 бода повеќе од домашните, кои се на 10. место.

Сепак, тоа е на хартија, а не мора да се потврди на теренот. Прилепскиот тим ја има публиката на своја страна, теренот на кој “нокаут” доживеа лидерот Струга. Колку за потсетување се изненадувањата на Победа, пред се триумфот врз Силекс во Кратово и ремито токму со Шкупи во Скопје.

Успех над Шкупи може да е поттик за поволна есенска завршница, бидејќи претстои втор меч дома – со Скопје, само еден на гости – со Брегалница во Штип. Загрижените симпатизери на Победа се надеваат на консолидација. Покрај проблемите, играчите стегаат заби. Имаа подготовки, оти ги бранат боите на клубот и градот. Наспроти многуте шпекулации, тренинзите ги води Бобан Бабунски. Интересно за дуелот в недела е што гостинскиот тим го тренираат прилепчаните Гоце Седлоски и Тони Мегленски.

Табела: Струга 30, Шкупи 25, Шкендија 24, Силекс 23, Тиквеш 22,  Брегалница 20, Македонија ЃП 17, Работнички 15, Академија Пандев 12, Победа 11, Скопје 6.

Loading