РОК ТАПАНАР ГО ТЕРАЛ ТЕШКОТО

Мио Цветкулески

Музички тренинзи на импровизирани снимки од магнетофон за сеење на рок култура

Ритам на оро

Мио Цветкулески е име поврзано со прилепските авангардни тапанари. Ја тера 76-та година уживајќи во пензионерските дни. Од мал тропал на ѓумови за вода, за кои вели дека имаат звук како тарабука. На младост му вриела крвта за рокенрол музика. Полека сам го учел музичкиот занает.

Во 1962 сериозно се зафатил со западната рок музика, непозната за овдешните млади. Од Скопје купил џезерски тапани. Мио и Стојан (гитарист), Кире (бас гитара), Соле (синтисајзер) ја формирале групата “Вис Електрони”. Свиреле низ цела Македонија песни од Ролинг Стоунс, Шедоус, Битлси и други рокерски состави од запад. Тогашниот систем ја сметал оваа музика за лошо влијание на младите и промоција на “злиот капитализам”. Ама Мио со составот анимирале и собирале млад народ, шетајќи ја Македонија.

– На концертите немаше игла да се фрли. Немавме маки со власта. Беше либерална, барем овде. Тешко се стигнуваше до музиката што ја свиревме. Немаше грамофонски плочи. На радио бдеевме 24 часа, да начекаме, макар и една рокенрол песна. Ако се погодеше, чекавме “на готовс” на копчето за снимање. После ја “киневме” лентата, преслушувајќи ја стопати и вежбајќи ги тоновите – раскажува Мио, кој има музички код во крвта од поблиската роднина.

По шест годишна кариера, рок тапанарот се префрлил на народна музика во 1968 година. Лесно било, зашто, забавната е потешка за свирење. Станал тапанар во КУД “Мирче Ацев”. Со ансамблот свирел со сите доајени на македонската народна музика. Се сеќава на Петранка Костадинова, Александар Сариевски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Атина Апостолова…

– Тапанарот во ансамблот е најважен. Мора да знае убаво да држи континуитет во ритамот. Нашите ора се најмногу со тапан. Ако се загуби ритамот, играчите се збунуваат и пропаѓа настапот – вели Цветкулески, за кој немало кафеана која не го знаела и не го повикувала на жива свирка.

Со КУД “Мирче Ацев”, го прегазил сиот свет. Бил  во сите европски држави, Австралија, Русија и единствено не бил во “родното место” на рокот – САД.

– Патувавме најчесто по 40 души, играорци, свирачи и еден или двајца реномирани пејачи. Во Италија, не можев да го скријам балканскиот менталитет. Од бакшишот за келнерите, ги истурив сите лири во блузата и го честев пиво целиот ансамбл – кажува тапанарот, кој кога не бил со тапанот, бил вилушкарист во Тутунскиот Комбинат.

Не е пребирлив за музика. Слуша сé што му се допаѓа, забавно, народно, понекогаш и опера. И ќерка му е мераклија за инструментот. Дури заменила тапанар на свеченост. И синот Горан има слух.

Пензионерот со носталгија ги чува и ги разгледува повремено низ дома сите инструменти од кариерата. “Подтропнува”за душа со блиските. Ја пренесувал вештината на музички надарени деца. Горд е што “извадил” десетина добри тапанари од “неговата школа”.   

Loading