ПРЕТСТАВАТА “ВИСТИНСКИОТ ЗАПАД” ПРЕД ПРИЛЕПЧАНИ

В театар

Во театарот „Војдан Чернодрински” вечерва во 20 часот е претставата „Вистинскиот запад” по текст на Сем Шепард, во режија на Борис Василески. Тоа е претстава на неформална група на млади.

Драмата „Вистинскиот запад” е најпоставуваниот драмски текст на наградуваниот американски автор Шепард, номинирана за Пулитцерова награда во 1983 и за првпат на македонски јазик е преведена од Марио Стојаноски.

Во неа лежи одговорот на прашањето дали сте се фатиле ли себеси во момент кога правите нешто што е наметнато од општествените трендови и се пресметувате каква слика оставате во очите на другите, кое прашање стои и во најавата за настанот.

„Вистинскиот запад” ја дава сликата на двете крајности, кога сакаме да бидеме дел од општеството и истовремено сакаме да се изолираме од лошо организираниот свет. Потребата да си најдеме свое место под сонцето не згаснува, а притисокот од „што сум направил до сега?” не исчезнува.

Играат: Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Мартин Манев, Тања Кочовска.

Сценографијата и дизајнот на светлото се на Мартин Манев. За костимографија е задолжена Симона Даноска. Извршен продуцент е Ава Хусеини. Музиката  е на Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски. Дизајнот на постерот е на Ана Јачева.

Претставата изведувана е во повеќе градови, а проектот е поддржан од Министерство за култура.

Влезниците се продаваат во кафетеријата Ќоше.

Loading