ЗАБЕЛЕШКА, НЕ ПРИМЕДБА

Новинарка, која често ја гледаме се појавува со широки коментари и интервјуа. Ја слушнавме да зборува за “францускиот предлог”. Вели дека голем дел од експертите имале ПРИМЕДБИ. Повеќепати го повтори тој збор, а и глаголот ПРИМЕТУВА. До кога треба да им бараме и да им наоѓаме грешки на новинарите? Па, ние треба да учиме од нив. Нивниот “алат” за работа е јазикот. А нели се вели дека “без алат, нема занает”? Алатите на нашиве новинари како да се изабени. Многу грешки. Во конкретниов случај ја бележиме именката “примедба” и глаголот “приметува”. Српски се тие зборови, а често ги слушаме. Новинарката требаше да каже дека експертите имале ЗАБЕЛЕШКИ, а не ПРИМЕДБИ. Тие забележале (не, приметиле) недоследности во “францускиот предлог”.

Божем хумористична емисија. Еден од актерите вели дека имал посебна причина, бил каран и навредуван и оттогаш почнал да “штуца”. Толку многу беше повторуван тој збор, што на човек почнува да му се повраќа од тоа “штуцање”. Се прашуваме многупати, но нема одговор. Еве и сега се прашуваме. Зошто се користи српскиот збор, кога имаме наш? Зошто да не се рече ИКА, туку ШТУЦА? Може и ОЛЦА, наш збор да се употреби во ваква ситуација.

Симптоматичка е појавата кога се прикажуваат на определени дијалекти. При таквите ситуации творците и учесниците употребуваат се и сешто. Тоа било дијалект. Не е така. Двата набележани збора (примедба и штуцање) можеби се употребуваат во Скопје, но не се дел од скопскиот говор. Тие два збора се српски. Се употребуваат во Скопје (и не само таму) без да се мисли на тоа. Луѓето сметаат дека се наши. Значи, во прашање е невнимание и незнаење. Така нема потреба да се зборува за дијалект. Глаголот “приметува” се користи и во Прилеп. Дури сме чуле, од човек кој треба да го знае јазикот. Вели – “Сум заприметил”. Ете, дури и префиксирано.

За преводите на филмовите и емисиите премногу сме пишувале. Не се најдува вистинскиот збор да се каже колку се лоши. Во една емисија преземена од српска телевизијаеден човек свири на шупелка. Малечок е тој инструмент. Свири човекот, а често слушаме да се спомнува зборот “фрула”. Но, бидејќи сите странски емисии треба да бидат преведени, овде слушаме српски говор и читаме македонски превод (треба да биде македонски). Читаме на екранот дека инструментот што го спомнавме бил флејта. Зар нашиот преведувач никогаш не слушнал за ШУПЕЛКА? Зар “фрулата” му заличила на флејта? Ако ништо друго, само да размисли и да видел дека дејството се одигрува во селски амбиент, каде фрулата (шупелката) е карактеристичен инструмент. Флејтата не доаѓа предвид. Неа ја гледаме многу често и во солистички изведби и во разни оркестри. Како му заличила на нашиов преведувач шупелката на флејта? Тој си знае.

Во преводите речиси редовно, среќаваме мешање, неправилна употреба на партикулите “ли” и “нели”. Во прашалните реченици се користи “ли”. Пример: “Не знаеш ли дека тој замина”? А ние често читаме: “Нели знаеш дека тој замина”? Дури некој и да се сети дека овде станува збор за две зборчиња па да напише “Не ли знаеш дека тој замина”, пак е погрешно. Правилно е, како што рековме (прашално) “Не знаеш ли дека тој замина”. А партикулата “нели” се употребува, (треба да се употребува) во потврдна смисла. На пример: “Зошто не си дошол, нели ти реков да дојдеш”? Да си спомнеме на песната од Кочо Рацин: “Нели ти реков”.

За крај. Чувме и прочитавме: “Почина осумдесет и еден годишен човек”. Ноторна грешка. “Починал осумдесетиедногодишен човек”. ваквите придавки се формираат со т.н. променливо “О”. Осумдесетиедногодишен. Еден збор!

Loading