ЛИПА СЕ РАСПАГА

Лице личотија – внатре гнасотија

Поради нерешените имотноправни односи, објектот се претвора во “мека” за наркомани, бездомници и сомнителни типови      

Некогашниот украс на градот, хотелот Липа внатре се распаѓа. Претворен во руина со ѓубре. Иако главнината на објектот има сопственост, купена од американскиот бизнисмен со прилепеско потекло Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, поради некомлетна сопстевеничка структура, некогашниот луксузен хотел е претворен во депонија. За тоа сведочат фотографите. Низ темните ходиници, раскопаните соби без ѕидови, зјае смет од сите страни. Искршениот инвентар е рафрлан. Објектот се претвора во “мека” за наркомани, бездомници и сомнителни фаци. Мракот е последица на негрижата кон сермијата без газда.

Со ликвидацијата на фирмата Еуроинвест РТА, во чија состав беше и хотелот Липа, судот пресече. Хотелот го подели меѓу доверителите, меѓу поголем дел од работниците за компензација за неземените сработени плати со месеци во фирмата што прогласи банкрот. Да се исправи неправдата, судот го подели хотелот, такаречи на “цигла”, односно по соби. Така, се случи од стотте соби, педесетина да ги добијат поранешните работници, наместо плата. Атанасоски, со ниет да го преуреди објектот, да прави бизнис со профит и да го врати стариот сјај со ново архитектонско, ентериерно руво, влезе во зафат до го купува на “цигла”, по соба. Кандиса поголем дел од работниците да им ги купи собите. Новиот инвеститор стигна до 85 до 90 отсто од корисната површина. Но, дел од работниците, и по 15 години, не го продаваат својот дел, својата соба.  Атанасоски се откажа, се повлече и тој сега бара купувач на својот дел, додека некогашните работници калкулираат, се пазарат со енормни цени за распаднатите соби. Сопствениците сметале дека метар квадратен од објектот им чини по околу 10 илјади евра. Атанасоски своевремено им нудеше по 500 евра за квадрат на газдите на останатите непродадени соби.

Пазарот колабира со годините. Објектот пропаѓа. Губат сите. Поради економската криза засега нема потеницијален купувач, Работниците, газди, на неколку соби чекаат. Некои и исчезнаа. Го пренесоа имотот на наследниците. И хотелот зјае како монструм, а некогаш беше убавец на градот, гордост на прилепчани.

Се префрла одговорноста за одржувањето еден на друг, а Липа се пусти и личи на поговорката – “Еден, друг, а детето без капа” со зијан за угледот на градот.

Имотноправните односи се деликатно прашање и неприкосновено право на сопствениците. Но, кога, поради нерешени права, се загрозува физиономијата на дел од градот, што прават инспекциите? Врват секојдневно крај објектот, а опул не фрлаат да забележат дека бисерот Липа е претворен во потенцијално жариште на зарази, кошмарна зграда во мрак сред град. Каква е надлежноста на локалните власти за напуштените имоти, кои газдите ги оставиле во негрижа и се закануваат да повредат некого?

Loading