БОЛКАТА И ТАГАТА НА НАПУШТЕНИТЕ ПРЕДЕЛИ НА ПЛАТНО

Во ЦК “Марко Цепенков”

Изложбата на слики „Напуштени предели” од Никола Пијанманов вечерва ќе биде отворена во ликовната галерија на ЦК Марко Цепенков во 19 часот.  Ќе бидат поставени триесет слики во комбинирани техники, работени последните две години. Напуштените пејзажи се полни со присуство од тишина и видливи траги на заборавот и исчезнувањето. Природата никогаш не е празна дури и кога е осамена и напуштена од човекот. Во тишината на празните простори се втиснале трагите на присуствата.

– Првично, идејата за оваа изложба се појави од болот и тагата набљудувајќи ги напуштените места, домови, села, полиња и идилични предели во мојата земја. Прашањето беше, зошто секогаш се напуштаат најубавите места во замена за полошите? Достоевски се прашувал, „како може секогаш толку многу народ да се собира во загушливите и тешки градови, во мизерија и нехумани услови, во мрачните предградија на метрополите”?! Подоцна почнав да разбирам дека слободата и изборот да се биде во ненаселени и неорганизирани места е потешка, затоа што тишината и  одделеноста носат архетипска припадност на првобитноста на постоењето. „А што е заборавот, ако не длабок корен на сеќавањето?” Напиша Хорхе Луис Борхес. Минливоста на убавината и убавината на минливоста. Тоа е кружниот пат на создавањето, каде местата и делата нема да се заборават, туку само ќе се преобразат во невидливо присуство – објаснува авторот  Никола Пијанманов.

Ова е негова тринаесетта самостојна изложба.

Никола Пијанманов е роден 1981 година во Струмица. Средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности завршил во Скопје, во класата на професорот Рубенс Корубин. Има реализирано повеќе самостојни изложби во земјата и странство, и оставено неколку јавни дела во простор. Се занимава со сликарство и скулптура, пишува есеи и критички осврти, како и рецензии за каталози од ликовната дејност и списанија за култура. Реализирал повеќе сценографии за театарски претстави и уредник е на неколку монографии за ликовни творци. Уметнички организатор е во Здружението за култура Транзен. Член е на ДЛУМ. Живее и работи како самостоен уметник.

Loading