ВРВОТ НА СМРТТА – – КАЈМАКЧАЛАН (2521 мнв)

Не го нареков “Врвот на смртта”, поради тоа што беше тежок и опасен по животот при освојувањето. Не, далеку од тоа. Напротив, не видовме особена тешкотија при искачувањето. Од селото Скочивир, во подножјето на Ниџе планина, до врвот се стигнува по колски пат долг 32 км. Може да се движат само теренски (не било какви) возила и велосипеди. Или со пешачење… Во двата правца, се 64 км. Не е е несовладлива дистанца. Има луѓе кои ја изоделе. Но, тоа би било мачна и болна авантура, која, решивме да ја доживееме во иднина, кога денот ќе биде поголем и ноќите потопли.      

Го ангажиравме чичко Томче од Логоварди со неговиот џип, да нé однесе на десетина километри пред врвот. Така и беше. Нé растовари пред една напуштена караула на 9-10 км. од врвот или околу 3 часа пешачење. Денот беше преубав! Сонцето галеше. Некои од нас облекоа блузички со кратки ракави. Го оставивме чичко Томе да чека. Тргнавме по патот. Набрзо излеговме од ретката шума. Патот, виткајќи се како змија, полека водеше накај врвот. Попатно среќававме обележја што укажуваа дека во овој ретко посетуван предел, во одредени периоди имало живот. Или подобро кажано – смрт! Наидовме на некаков разрушен објект, летна болница, со спомен обележје во чест на војници убиени од бугарската фашистичка војска во Втората светска војна. Бог да ги прости и нека им е вечен споменот!

По речиси три часа, стигнавме на врвот, поточно на висорамнината на врвот. Добро познатата црквичка, видена само на фотографии, се покажа пред нас со неколку полуразрушени објекти зад неа. Малку подолу костурницата.

Во Првата светска војна, по сртот на Ниџе планинна, се протегал македонскиот фронт или попознат како Солунски фронт. Биле распоредени илјадници војници од двете страни на демаркационата линија – Бугарите од северната, а Србите од јужната страна. Некои од поважните битки се случиле токму овде, во регионот на Мариово. Тоа погубно се одразило на цивилното население, кое било преполовено од болести, глад и убивање. На врвот се одиграла една од најзначајните битки на фронтот – битката за Кајмакчалан, каде од 12 – 30 септември 1916 г. загинале речиси 8 000 војници од српската и бугарската страна. Откако го зазела врвот, српската војска почнала да гради споменик, кој во 1928 година бил претворен во црква (денешната), осветена заедно со костурницата, во која се чуваат коските на дел од загинатите војници.

Рудолф Арчибалд Рајс (1875-1929), швајцарски форензичар, публицист, доктор на хемија и професор на Универзитет во Лозана, кој се истакнал како криминолог со неговата работа на истражување на злосторот над српското население од страна на Австро-унгарска војска за време на Прва светска војна, а во текот на Првата светска војна се наоѓал во редовите на српската војска. Бил разузнувач и известувач од Солунскиот фронт. За ова говори во својот дневник: “Борбата на Кајмакчалан траеше 3 часа, метеж кој не може да се опише. Низ чад и магла се гледа како светкаат бајонетите и се слушаат експлозии од бомби… На 2.525 метри,  на врвот, на овој гол простран терен, лежат стотици трупови. Покривка им се облаците и маглата што ги дува ветерот. Големи јастреби и гаврани крстосуваат над нив да се најадат од нивното распаднато месо”.

Д-р Рајс, кој починал во Белград, оставил аманет. Неговото срце да биде однесено и да почива на врвот Кајмакчалан. Србите му ја исполниле желбата. И денес, во црквичката има специјално направена урна за неговото срце кое, за жал, е украдено.

За жал, жртвите што ги дал македонскиот народ во Првата светска војна и на Солунскиот фронт никаде не се забележани како македонски, иако населението било насилно мобилизирано и употребувано или на фронтот како топовско месо или во заднината за изградбата на воени објекти под крајно мизерни услови. Татко и син, браќа и роднини служеле во различни војски од двете страни на фронтот. Во српската биле мобилизирани околу 60.000, во бугарската околу 133.887 и во грчката околу 20.000 Македонци. Вкупно, во Првата светска војна биле мобилизирани околу 213.000 Македонци.

Натписите на спомен обележјата се на српски јазик. Србите ги сметале Македонците за свои. И Бугарите на Македноците гледале како на свои. Иронично. Д -р Рајс, кој остатокот од животот го поминал во Србија и починал во Белград, бил србофил. ЗзамМакедонскиот народ ќе запише:

“Вие ги нарекувате тие луѓе бугарофони поради нивниот јазик што личи на бугарскиот. Дали е бугарски, дали е истиот јазик што се зборува во Софија? Не. Македонскиот личи исто толку на српскиот колку и на бугарскиот. Не сум лингвист и нема да си дозволам сопствен суд. Незаинтересираните балканолози тврдеа дека македонскиот личи повеќе на српскиот отколку на бугарскиот. Можно е да има лингвисти што го тврдат и спротивното. Факт е дека македонскиот не се зборува ниту во Софија, ниту во Белград. Тоа е посебен славјански јазик како што е во Швајцарија, романшкиот, што се зборува во Гризо, покрај италијанскиот. Македонецот не може да се нарече ниту Бугарин, ниту Србин, туку просто Македонец”.

Бог да ги прости и нека им е вечен споменот!

Отец Љупче Петрески

Loading