ЗОШТО СЕ ПРАЗНУВА 11 ОКТОМВРИ?

Во пресрет сме на уште еден 11 Октомври. Есенски ден, кој не е обичен туку празничен. Тоа е Денот на антифашистичкото востание на Македонија и почетокот на народно – ослободителната борба.

Што се случувало на 11 октомври 1941? Знаат ли младите зошто се празнува? И како треба да се одбележи денот кој бил значаен и пресуден пред 81 година? Треба ли минатото да се брише или преправа?

Со еден клик на пребарувачот на интернет, сите линкови упатуваат на информацијата дека на тој ден во Прилеп и Куманово бил означен почетокот на востанието на македонскиот народ против бугарскиот окупатор, со цел  ослободување на земјата. Бил извршен вооружен напад на бугарската полициска станица, на прилепскиот затвор и на телефонско – телеграфската мрежа.

Се пролеала крв во четиригодишната борба, стотици жртви ги положите животите.

Сведочат за настаните Участакот и Могилата на непобедените каде има мошти на околу 650 жртви. И додека мирно се проаѓа покрај спомениците, се наметнува прашањето зошто се празнува 11 Октомври?

Наспроти новите политички случувања и нејасните барања со бугарскиот договор, како да се велича минатото, а да не се уништи иднината и аспирацијата кон ЕУ? Да се слушаат приказните од баба, да се читаат старите раскази за борбите или да се пушти во неврат она што било, да се отвори нова страница и да се гледа напред.

Некогаш таканареченото пукање или настанот кој опфаќал имровизиран напад на градот, огномет, било чин на кој се доаѓало со гордо кренато чело, со насмевка на лицето, со најубавата облека и старо и младо. Се што мрда, сите в чаршија, а потоа замрсени со купениот сендвич уште се воодоошевувале од огнометот.

На кого веќе му е гајле за Денот на народното востание на македонскиот народ? Кога се пропагираат нови вредности, кога политичкиот миг налага толеранција, себевиткање на рбетот, кога младите се со куферот в рака кон европските земји, кога неизвесноста од ценовниот шок и височината на енергенсите ни влеваат страв в коски од преживување, може ли да се размислува на празнување? На себепочит, гордост, родољубие. Или едноставно ден како ден, некој си празничен, главно неработен! Плус погоден за турање грозје за вино или за печење пиперки за ајвар.    

Loading