АКО ПО ГРОБОВИ МЕРЕА ИЛИ ПО КРВОЈ ПЛИСНАТИ…

Македонија полека се претвора во здодевно место за пишување. Моите текстови се сведоштва на моја лична одлука. Никој го нема тоа право да ја обезличува нашата Македонија до непрепознатливост. Ниту Заев, ниту Ковачевски, ниту 120-те во парламентот, ниту со референдум. Гробовите никогаш нема да простат. Проблемот е во куќата, а не во комшиите. Само недоволно интелектуално поткованите можат да í го прават тоа на Македонија. Не се создава сериозна држава со луѓе без самодоверба.

Имаме право да се повикуваме на нашето културолошко наследство. Само ние го носиме континуирано името. Сите други соседни држави – не. Сите наши познати личности прават континуитет. Филип и Александар Македонски, Самоил, Мисирков, Шапкарев, Пулевски, Чуповски, Карев, Рацин. Само нас ни се забранува да се идентификуваме како народ кој создал држава, а не држава која создала народ.

Кога умрел Филип Македонски, излегле Атињаните по плоштадите да ја прослават неговата смрт. Само Демостен (грчки филозоф-антимакедонец) тажно ја гледал претставата. Не издржал, па рекол: “Тоа е само еден Македонец помалку”. Се негира и мисијата на Апостол Павле во Македонија. Во битката меѓу Македонците и Елините кај Херонеја, Филип Македонски на местото на победата го набодил македонското шеснаесетзрачно знаме од кое денес великодушно се откажавме на барање на Грција. Сé тргнало од антиката. Бараат фрлање на делови од нашата античка историја. Македонската историска наука нема влијание врз овие политички настани. Тоа е целосно политизирање. Нужни биле промени во македонските учебници. Какви се тие преговори кога некој поставува ултиматум. Францускиот предлог е во суштина предлог на премиерите Ковачевски и Петков. Макрон изјави дека бугарските барања и уцени мора да се исполнат. Тоа е “компромисот” со Бугарија за македонскиот јазик, историјата и културата, ако сакаме да станеме членки на ЕУ. Оваа поддршка за Софија од страна на светската елита овозможи бугарските ирационални барања да станат составен дел на преговорите на Македонија со Брисел. Влеговме во нова голгота и во ново национално предавство. Идентитетски холокаус врз мене и мојата татковина спроведува нацистичка оска. За мене реакцијата на јавноста е сосема оправдана и очекуван. Не можам да го разберам потегот на власта со прифаќањето на преговарачката рамка. Кое е тоа чувство да сваќаш дека не си никој и ништо, туку сепак си некој и нешто.

Недостиг на патриотизам е симптом на болест, духовна болест на оние кои ја понижуваат и се потсмеваат на Македонија. Тие се генерациски обезличени индивидуи кои немаат всадено патриотски вредности на своите генерации. Затоа во “нивната држава” ништо не се слави. Кога нема што да славиме, кога нема да ја одбележуваме историјата на Македонија, нема место за патриотизам. За нив Македонија не вреди да се сака. Нашите деца треба да ги учиме дека патриотизмот не е мртов и не може да умре, зошто е највисок израз на жртвувањето за нацијата. На Македонецот му личи патриотизмот. За другите, кои повеќе ги нема, нивната крв уште тече. Не се заборавени. Нивното име не ќе го испере ниту дождот.

Македонијо, овде без тебе мир повеќе нема да има. Ќе го браниме нашето.

ПРИМАРИУС Д-Р Б.ДАМЕСКИ

Loading