КАФЕ СО СТАРОГРАДСКА ПЕСНИ

Осум децении живот и 65 години песна на Јован Брмбески

По 40 годишното работно искуство како кафе готвач во Тутунскиот Комбинат и по 27 години пензионерски стаж низ портата во центарот на градот се слушаат милозвучни тонови што се излеваат од грлото на Јован Брмбески. Видот го служи, ама слухот го издава, но меракот за песна е вткаен вечно во душата и никогаш не прегорува. Им ѕуни со кадифени звуци на своите колоритни миленици во цветната градина со 70 саксии со различни видови цвеќиња кои ги негува со голема љубов и посветеност, додека не ги прибере во завет и топлина во визбата до новата пролет.

Осумдесетипет годишниот некогашен популарен пеач на народни изворни песни не е осамен. Со песна ги храни сите маалски мачки кои само на неговата појава се туркаат околу него да ги омрсат мустаќите.

Секогаш е ведар и свеж Брмбески. Расположен и насмеан е како пред децении кога варел и послужувал илјадници слатки и горки кафиња на работниците, директорите, странците и гостите, кои му се чуделе како ги помнел вкусовите на кафињата на своите претпоставени од првиот негов директор Димче Дабовски до последниот Никола Тодороски. Памети какви кафиња пиел главниот гостин и купувач на тутун од Швајцарија, Верхајмер. Се сеќава за топло или ладно за Кирил Бисеркоски, со половина или со две лажички кафе за Мате Волнароски, горчливо или слатко за Душко Боцески. Често ги забавувал, р’снувајќи им по некој македонски бисер. Многумина ги воодушевувал, а некои при второто навраќање му донесле и грамофонска плоча со италијанскиот евергрин “О соле мио”.

– Не ме бидуваше за учење, туку само за пеење. Седев дома на пенџере и пеев да ме чујат комшиите и пациентите кои доаѓаа во соседството кај лекарот. На полнолетството ме вработија во Тутунскиот Комбинат да кревам тонги. Тешко беше, но со песната во секој миг ја одвлекував потта и маката. Некој постар готвач на кафе, по година-две со тонгите, се повредил и ме зедоа да готвам кафиња за сите раководители, службеници и работници што можев да стигнам и да ги послужам. Зготвив стотици илјади кафиња. Нема човек што стапнал во Комбинатот, кој не пиел кафе замешано од мојата рака. Така работев 40 години со впечатливиот лик, глас и марифет за подготовка не само за утринска напивка – вели Брмбески.

Нему песната и ден денес му е дел од душата. Таа го одржува, оти му е вткаена во срцето. Родениот битолчанец со речиси осумипол децении прилепски стаж одамна ги открил тајните на табиетите, курназлаците и мајтапите. Се воодушевувал на Гога Зафироски, кој заедно со оркестарот на Радио Прилеп, со Шиндевци, Фицирот, Палио, Тумбе, Патата… ја запеал првата песна на 13 години во живо. Таа отишла во етерот низ звучниците како инки, поставени низ градот.

– Ми лежи изворната музика, излеана од коренот на народот. Со песните го афирмирав македонскиот фолклор и го прошетав светот од Австралија до Канада. Со КУД “Мирче Ацев” прошетав низ Англија, Белгија, Шпанија, Австрија, Холандија, Чехословачка, Полска, Москва, цела Европа неколкупати. Бев еден од првите интерпретатори на народни песни, кој снимил 70 македонски бисери кои никогаш нема да исчезнат – кажува Брмбески.

Покрај снимки за Радио Скопје, на грамофонски плочи се ставени десетици незаборавни песни за РТБ и за Југотон. Пеел со Нина Спирова, Захарица Вртаноска, Блага Петреска, Васка Илиева, Тале Огненоски, Пеце Атанасоски…

– Се слушаше многу радио. Тутунарите пееа додека се нижеше тутунот. Со песната, им мекнееше душата крај зелениот мачен род. Првин ги запеав “Ми товарил калеш Дончо” и “Низ дворови шета Панде”. Ечеа од радиостаницата. Потоа во Универзалната сала пеев за новогодишните прослави со Далиборка Стојшиќ, со дуетот Селимова – Желчески, со Драган Мијалкоски, во Скопје, Битола, Белград, гостував на радија, пеев за празници. Накитен сум со стотици благодарници, признанија… – вели Јован Брмбески.

Пензионерот ужива меѓу саксиите со цветови од кои дел се донесени дури и од Јадранот.

– Им пуштам музика, им пеам и цвеќињата цветаат. Не жалам за животот што минува, туку се радувам на изгрејсонцето на секој нов ден. Се радувама на моите потомци. Веќе имам и правнук од внуката од ќерка ми која живее во Белград. Наскоро ќе одам на свадба кај внукот во престолнината на Србија. Лете доаѓаат сите тука. Зет ми, ќерка ми, внуците, цела сурија народ и уживам на метежот и ѓурултијата. Ги дарувам секој ден со песни од богатото македонско народно музичко наследство. Иако се родени Срби, потомците треба да знаат од каде им е сојот, потеклото и да се гордеат со нивниот ген – вели Јован Брмбески кој на заминување нé поздравува со “Малки моми по друм шетаат”.

Од ескплозија до лузна и три прсти

Брмбески стекнал лузна на устата и има само три прста на десната дланка, поради последици од експлозија во детството. Раскажува дека како љубопитни деца после војната, на десетгодишна возрасат со другарот од комшиите, добиле некоја неексплодирана каписла од собирач на старо железо во отпадот во близина на неговиот дом. Некој им рекол дека капислата свири со вртење, а со удар вреска многу силно. Додека другар му мачкал сало на леб, Брмбески ја удрил капислата со камен, а таа му експлодирала в раце. Од детонацијата останал без два прста на десната дланка и со лузна на лицето.

– Ме однесоа првин во импровизираната болница во близина на домот, а потоа со камион во битолската болница. По еден месец  ми ги санираа раните со прашаци и се вратив жив, но без два прста на едната рака. Тоа не ми беше хендикеп. Со таков недостаток носев тешки табли со кафиња и пеев без пречки во гласот – вели Брмбески.

Loading