ХРАБРОСТ ЗА СОГОЛУВАЊЕ НА ДУШАТА

Весна Шереметкоска, поет

Весна Шереметкоска е поетеса, членка на Клубот на литературни творци. Автор е на повеќе поетски збирки и збирки раскази, романи, меѓу кои Старецот со кавалот и Жртва на љубовта, на стихозбирката Под превезот на душата и збирката за деца Бисерчиња. Застапена е во бројни антологии. Добитник е на повеќе награди.

Љубовта извира од секој нејзин збор, се бранува како немирно море, отчукува со секој удар на градскиот саат. Авторката длабоко навлегла во размислите и мошне успешно ги преточува во стихови со стилски богати и слоевити размисли, проткаени со рима, ритам и епитети.

Последната збирка, Изворот солзен е повод за разговор.

Што значи да се биде поет?

Да се биде поет е слабост, да не може да се скроти поривот кој постојано “копка”, да ги постелиш чуствата или приказната на белиот лист хартија. Поетот е само преносител преку кој поезијата и прозата доаѓа на овај свет, и го почнуваат својот живот меѓу читателите. Тука поетот нема никакво влијание. Може само да следи како неговите дела растат и живеат. За тоа претхотно е потребна храброст да се соголи душата пред читателската публика, да се дозволи секој да ѕирне во неговата душа. Посебно во поезијата каде во секоја песна, во секој стих поетот ги пренесува чувствата, состојбата, моменти од животот. Кога поетот ќе се ослободи од сите предрасуди и слободно ќе се препушти на перото тогаш и тој ужива, гледајќи ги своите рожби како растат и живеат.

Што ви лежи при пишувањето ?

Уште не сум го изодила книжевниот пат точно да се определам каде припаѓам. Имам бројни показатели, награди и признанија и за поезија и за проза. Засега добро се снајдувам во двата правци. Поезијата бара одбрани зборови, со малку да се каже многу. Затоа не одзема многу време во пишувањето. Во прозата има поголема слобода за израз и да се опише мислата. Но, е потребно повеќе време. Засега останувам верна на литературата до мојот последен здив.

 Од каде ја црпите инспирацијата?

 Во прозата најмногу ме инспирираат секојдневниот живот, опшествено социјални теми, вистинските приказни. За поезијата, може сé да ме инспирира.

Колкава е моќта на зборот?

Зборот ја има најголемата моќ и влијаат на секојдневната комуникација и на животот воопшто. И убавиот збор, и лошиот. За среќа, поетите се служат само со убави зборови да ја растреперат душата и срцето, ја исполнуваат душата со милина, знаат да се нурнат во густината на зборот како во најдлабокиот океан. Зборот има сила на ураганот, но и кревкоста на најблагиот ветер. Може да уништи, но и создаде.

Имаат ли поддршка творците?

За финансиска поддршка во државава, поетите, писателите не уживаат општествен статус. Оставени се сами да инвестираат во сопствениот раст и развој. Пишувањето кај нас не е поради материјални добивки, туку поради емотивна, духовна потреба, потреба да пренесат некаква порака или идеја. Најважно е што недостасува стратегија како да се продаваат нашите книги. За наша среќа, ја имаме меѓусебната помош и поддршка која многу ни значи на сите нас. Единствената поддршка се локалните медиуми кои несебично нé мотивираат, промовираат и нас и нашите книги. За жал, тоа не е доволно. Затоа нашите воздишки од ден на ден, се побројни и погласни….

Loading