ЗАЈДЕНИ ОД РАДОСТ

Радост голема! Архиепископот Г.Г. Стефан богослужеше во Истанбул на македонски јазик. Радосен е и новинарот кој известува. И тој на македонски јазик. Раката на срце, зборот Македонија и какви било изведенки од тој збор, непара се слушаат. Но, тоа не е наша тема. Некој соопшти дека тоа ќе се решавало постепено, со времето. Но, зошто новинарот (а имаше и новинарка) во своите коментари не зборуваат на чист македонски јазик, односно прават грешки. Зошто нé не израдуваа со чист македонски јазик? А, тоа им е должност од Истанбул, оти се раѓа радосна вест. Во Истанбул е, а вели “Тука во Истанбул”. Зошто не вели “Овде во Истанбул”, како што е правилно? Имаме прилози – овде, тука и таму. Овде кај нас (кај мене), тука кај вас (кај тебе) и таму кај нив (кај него). Во скопскиот говор како да го нема прилогот “овде”. Дури и кога слушаме српски текст – “Дошао сам овде”, ние читаме превод “Дојдов тука”. И никој , ни лектор ни новинар ниту некој друг, не се сетил да интервенира. Се тера тоа секојдневно. Нели новинарот ни испраќа радосна вест дека владиката пеел на македонски јазик? Зошто се прават вакви грешки? Бевме известувани на Духовден, но новинарот соопшти дека ќе се случувало нешто важно и во понеделник. Само, ете, заборави човекот да каже во кој понеделник. Ако мислел на правиот нареден понеделник, требаше да рече В ПОНЕДЕЛНИК. Вака, “Во понеделник”, значи во секој понеделник. Вечна грешка на скопските новинари. Колкупати сме чуле – “Во среда, Парламентот ќе заседава”? Во која среда, не кажуваат. Веројатно во секоја, така излегува од овој исказ. Со вакви секојдневни грешки бевме известувани од Стамбол за радосната вест. И со други, не само со овие. Известувачите кажаа дека требало да им се прати писмо на останатите православни цркви. Не кажаа каде се тие останати. Зошто не вели дека треба да им се испрати писмо на другите цркви, зашто тие никаде не се останати? Изгледа известувачите премногу силно ја доживеале големата радост. Дури зајделе од радост, и не обрнуваат многу внимание на јазикот. Тој секако е македонски, нели? На тој јазик бевме информирани уште одовде. ТВ Сители кажа пред неколку дена: “Главниот настан ќе се случи во недела”! Ете, и тие. Премногу радосни, па заборавија да кажат во која недела. Ако речеа “В недела” ќе разберевме дека е тоа првата наредна.

Некој направил нешто незаконско. Полицијата го привела и му бил одреден притвор (затворски). Потоа му го преиначиле во домашен. Околу 90 насто од новинарите, а и од многу други го викаат “куќен притвор”. Кога вистината и глупоста ќе се измешаат и се добива нешто нелогично. Новинарката  известува вака: “Осомничениот, куќниот притвор ќе го издржува во својот дом”. Зар ова не е бесмислица, глупост? Па тоа што ќе го издржува дома, зар не кажува доволно дека притворот ќе биде домашен? Осомничениот не ќе може да го напушти својот дом. Тој мора да биде дома, а не во некоја куќа. Оставете ги Србите. Таму – “Не сме да излази из куче”. Кај нас – “Не смее да излегува од дома”. Кај нас се вели (треба да се вели) домашен притвор. А слушнете ги новинарите, обвинителите, адвокатите, полицијата и кого уште не! Рековме, најголемиот број велат “Куќен притвор”. Влијае српскиот јазик, како обично.

Превод од сериски филм. Некој човек, со својата биографија, со своето поведение, со своите постапки, му заличил на некого на ветропир. Така напишал преведувачот. Но, заборавил дека кај нас ветерот не “пирка”, туку “дувка”. Таквиот човек велиме дека ветерот го вее. Србите создале збор “ветропир”. Кај нас тоа не може така. Ако не најдеме некоја описна форма, можеме да го користиме зборот ВЕТРОГОН. Тоа е човек гонет од ветерот. Како дува ветерот, такви стануваат неговите постапки. Такво значење има српското “ветропир”, но нашиот преведувач не знае дека тој збор не е наш.

Loading