ДУХОВНА РИЗНИЦА НА ПРИЛЕПЧАНИ

Манастирот Трескавец

Бисер на архитектурата и духовноста е манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец. Полн е со мир и достоинство низ композицијата на гранитните карпи  на просторот. Небаре и околината извира духовност далдисана од пред средновековието. В недела, на празникот Богородица, ќе врие прилепчани, ќе се туркаат да запалат свеќа за здравје, да се помолат пред дверите на храмот, зашто овој духовен дом е нераскинливо поврзан со вековната градска традиција. Манастирот е  почитуван и од нехристијани, како што се Ромите.

Глетката не остава никој без воздишка. Горе, меѓу карпите под врвот Златоврв блика восхит од посветеностакон Бога. Неверојатни парчиња духовност и уметност, ставени во фреските, иконостасите, градбата на конаците и црквата. Природата ја дарила околината, а човекот со градителската моќ и духовната сила направил Божјо гнездо

Трескавец се наоѓа на 1280 м. Едно е од најубавите светилишта во Македонија, значаен монашки и духовен центар. Претставува сложен комплекс од градби од различни временски периоди. Црквата Успение на Пресвета Богородица е еднокорабна градба, во чија внатрешност е расчленета со пиластри на неколку травеи, а централниот дел е надвишен со купола. Живописот е од различни периоди. Најстарите фрески се од првата половина на 14 век. Има и од 15, па сé до 19 век. Богатата црква содржи и вредни уметнички предмети. Внатрее е полна со икони од непознати иконописци од 17 и 18 век. Однадвор се конзервира и продолжува внатрешната заштита. Со трпезаријата се на списокот на културни добра во опасност.

Манастирот има конаци и трпезарија. Конаците се на два ката со проширени чарда. До неодамна беше непристапен, таинствен, оти се стигнуваше само пешки или со теренско возило. Асфалтото привлече многу народ.

Отецот Калист, кој е единствениот станар, вели дека е вратен автентичниот изглед. Предвидено е враќање на автентичниот лик  и на конаците и на параклис со употреба на современи градежни материјали отпорни на пожар, поставена е армиранобетонска конструкција. Со реконструкцијата некои од оштетените ѕидови на конаците се преѕидани со камен. Конаците се реконструирани со примена на индивидуални градежни мерки во склад со конзерваторските услови, трудејќи се да го задржат оригиналот на камените фасадни ѕидови, покривната конструкција. Собите се со природна вентилација. Зачувувањето на автентичниот споменик на културата, неговата првобитна функција или на места воведување на нова, со унапредувањето на комфорот во конаците кои се предмет на реконструкција и смалување на потрошувачката на енергија, се тежнеело на воспоставување на модел на одржливост. Реконструкцијата на опожарените конаци ги залечува раните, ги ги премостува празнините предизвикани со загубеното, во духот на амбиентот. Реконструираната градба е полна со емоции за зачувување на бисерот од заборавот.

Вода уште нема. Нема ниту пречистителната станица. За догледно време санитариите не ќе може да се користат.

Во дворот е направена нова камена чешма од која тече вода.

Старите неимари граделе во склад со биоклиматските принципи, со специфични конструктивни решенија и материјали, со правилно избирање на трајни локални градежни материјали, водејќи сметка за опкружувањето. Трајноста на материјалите се мери со стотици години, што сведочи за нивната одржливост.

Културното и духовното наследство треба внимателно да се чува. Оти е највредната врска со минатото. Преку нив се враќаме во времето кога не сме постоеле, а ги оставаме на нашите наследници да се поврзат со нас и со нашите предци. Тоа е завет на претците и аманет за наследниците. Наша е одговорноста не само за Трескавец.

Loading