СО ШТО КРСТЕСКИ ЗАСЛУЖИЛ ПЛАТА ПОВИСОКА ОД 1 000 ЕВРА?

ОО на СДСМ Прилеп:

Директорот на ЈКП Пазари, Игор Крстески зема плата од 62.000 денари, или 20.000 денари повеќе од платата на неговиот претходник во директорската фотелја. Ова го обелодени ОО на СДСМ Прилеп, при што го прашаа градоначалникот Борче Јовчески со што ја заслужил во јавното претпријатие.

“Десет месеци после локалните избори и промената на власта на локално ниво, наместо решавање на проблемите на граѓаните, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ водат грижа единствено за сопствениот џеб. Еден од многубројните докази за таквата констатација е висината на платата која ја зема директорот на ЈКП Пазари, Игор Крстески, а која изнесува 62.000 денари, или 20.000 денари повеќе од платата на неговиот претходник во директорската фотелја на јавното претпријатие.

Во време на економска криза, кога секој денар од парите на граѓаните треба рационално и наменски да се троши, ваквото енормно зголемување на платата од цели 20.000 денари, е врв на безобразлукот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески.

Директорот на Пазари, кого патем речено прилепчани досега ниту го чуле ниту го виделе, не направи ништо да ја подобри инфраструктурата во градскиот пазар. Не само тоа, туку заедно со градоначалникот Јовчески ги излажаа продавачите и закупците на тезги, останувајќи глуви на барањата за дислоцирање на таканаречените “диви” продавачи на соодветна локација.

Кога е веќе така, а така е, градоначалникот Борче Јовчески има обврска да кажи со што тоа Крстески заслужи плата повисока од 1.000 евра? Која е логиката да се зголеми платата на директор на јавното претпријатие кое бележи загуби, а за чие покривање се издвојуваат пари од општинскиот буџет?

Секојдневното вработување на нестручни кадри во јавната администрација, избрани по партиска или роднинска линија, како и неспособноста на општинските власти да се справат со наталожените проблеми, директно се одразува на квалитетот на живеење и стандардот на граѓаните. 

Од тие причини, единственото нешто кое на прилепчани им е нејасно е прашањето: кој е следниот скандал кој на своите сограѓани ќе им го приредат безидејната локална власт и неспособниот градоначалник?” – рече Филип Попоски, портпаролот на ОО на СДСМ Прилеп.

Loading