ИСЧЕЗНА ЃУМЧЕТО И КРАВАЈЧЕТО

Вчера се славеше раѓањето на Свети Јован Крстител- Тајане Бојане

“Тајане – Бојане, имам брат Свети Јоване… помагаа ситна роса, ситна роса, по роса мома боса…играле моми крај манастирот, калуѓер гледа од пенџерот, фрли си шапка на…”

Вака, 68 годишната пензионерка Мира Стојаноска, емотивно, со песна се потсети кога како девојче со голема возбуда го чекала празникот, да се дотера, да се порадува на адетот.

Раѓањето на Свети Јован Крстител – Иванден е првиот празник овој месец. Денес, ретко се одржуваат некои постари адети. Им мина модата и на имендените. За тајане… се месело кравајче. Денот бил трепет за момите. Зашто некои верувале дека првата мома која ќе добие од кравајчето, ќе се омажи брзо, или тоа значело дека ќе биде блага, а не лутка…

Стојаноска била од кај Чутуче, кај Уредот.

– Сон не нé фаќаше во пресрет на празникот. Девојчињата дотерани, погодени од утрини, земавме бакарно ѓумче и го китевме со цвеќе, обично црвени јалдази, кои не мирисаа. Ѓумчето налеано со вода го носеше 7 – 8 годишно момче на главата. Момите правевме круг, околу момчето, наречено – Тајане, кое клечеше и му пеевме – се сеќава Стојаноска.

Адетот наликува на играта “Ринге, ринге…”.

Цвеќето се берело од по дворовите.

 – Сите во едно лонче заедничко, одевме по куќите, каде гостопримливите домаќинки со широко отворени врати нé пречекуваа и  даваа брашно, масло, шеќер, некаде и пари. Тоа беше маалски обичај. Не шатавме по другите маала. Тоа беше доживување, кое вечно се памети. Се собиравме кај некој од нас, и некоја баба или мајка месеше кравајчиња, наредени со бонбони. За секое дете по едно. Мискојна мирисаше куќата од печените кравајчиња – кажува Стојаноска.

Адет е поголемо каравајче, печено во каравана, да се меси и да се подели во семејството. Но, за ергените и момите постои и опасност да не им залетне по едно залаче, за да ги спои во брак?! Постојат секакви верувања.

Постарите велат дека момите шетале и по дуќаните, барајќи дарови, а потоа славеле во ресторан со заедничка вечера. Стојаноска не се сеќава дали во чаршијата имало таков обичај.

Бистрина е Иванден

Тајане – Бојане е специфичен адет, во чест на раѓањето на  Светецот “Јован Крстител”. Можеби тајната е во чистината и бистрината на водата при светото тајно крштение…

Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,

Ункеши, ункеши, ункеши по маглата.

По магла, по магла, по магла ситна роса,

по роса, по роса, по роса мома боса.

Играле момите крај манастирот,

калуѓер гледа од пенџериња,

фрли си шапка на герамиди,

од герамиди на трендафилот,

белата брада на берберница

црната брада на касапница

Loading