ФОКУСИРАЈ СЕ НА ЦЕЛИТЕ, А НЕ НА ПРЕПРЕКИТЕ

Интервју: Сања Ристеска, фолк пејачка

Новиот видео запис за песната “Да заиграме” ја шокира јавноста. Очекуваш да стане нов “свадбарски хит”?

“Сања Ристеска се омажи?!” Мистерија која трае (се смее) и предизвика лавина реакции. Засега, тоа е само видео запис, снимен во еден ден. Тоа е доста обемен проект, кој за мене беше предизвик, и бараше огромна професионалност, од моја страна, но пред сé, и од учесниците во него, моите колеги, на кои јавно им се заблагодарувам. Насловот говори многу… “Да заиграме”, за мене, е веќе свадбарски хит.

Инсценира дека си “невеста”, наменски, визуелно. Но, кога вистински ќе застанеш пред олтарот и со кого?

Презадоволна сум од мојот перформанс, а за тоа, кога вистински, ќе застанам пред олтар, и со кого, нема да откријам. Сé во свое време нели?

За 6-тиот Прилеп Фолк Фест 2022?

Беше ревијален. Песната “Ајде Чичо” е фестивалска песна, која остави силен впечаток кај публиката.

“Вечерва сум џиш запалена, барам некој да ме гаси…”. Колку песните се провокативни?

Да надополнам… “Раке пуке, раке шлаке…”. Песната е безвременски хит, кој трае, и трае, а провокативноста, секој на различен начин, ја доживува. …некој повеќе, некој помалку.

Емоционалниот спот за песната “Марио внуче најмило”, ќе се преслика ли и во друга порака?

Марио Внуче сакано, за мене преемотивна песна. Посветена е на мојот внук. Желба се роди со неговото раѓање. Бев водена од желбата да му подарам нешто вечно, со кое ќе го негува мојот спомен.

Колку музичките парчиња те отсликуваат тебе?

Енергична сум по природа, и кога станува збор за избор за песна, многу сум пребирлива. Не сум лесна за соработка, сакам беспрекорност, и убав ритам.

Со Елена Јовческа сте музички тандем? Зошто, каква енергија ве привлекува?

Да, со Елена Јовческа одлично функционираме и сме добар тандем. Енергијата која нé привлекува е фамилијарна, пред сé, сме братучеди, а потоа колешки.

Се отвора ли иднината, сега ли е моментот за песниата со наслов “Македонијо, не те даваме”, односно “Македонија – вечна”?

Песната “Макдеонијо, не те даваме”, или “Македонија – Вечна”, е песна со иднина. За која не се чека, не се чекало, и нема да се чека, некој одреден момент.

Следни настапи? На 13 јули е иселеничката вечер во Прилеп?

Исселеничката забава е “приказна” која прерасна некако во традиција. Наскоро и понатаму, има многу ангажмани, проекти кои нема да ги откријам.

Во телефонскиот разговор, рече дека си во фитнес центар со личен инструктор?

Што се однесува до мојата става, генетиката е, пред сé. Овој период  преовладува повеќе здравиот начин на исхрана, во комбинација со редовното вежбање, за кое е задолжен мојот личен инструктор. Да бидам реална, гурман сум, уживам во добра храна, и чаша добро вино.

Која е твојата девиза во животот?

-Хмм, мојата девиза во животот е нормално да се биде свој, бидејќи, тајната на успехот, е да се фокусираш на целите, а не на препреките.

Бујните атрибути дали се гарантиран рецепт за естрадна слава?

Успешната кариера не се гради преку ноќ и со скандали. Успешноста се состои, пред сé, во огромната посветеност, дисциплина, и работа, работа и само работа. Ќе бидам нереална ако не признаам дека и физичкиот изглед има придонес. Затоа се трудам и  комбинирам (се смее).

Во Прилеп се прашува, од кого си чупе?

-Прилепчанка сум. Потекнувам од скромна фамилија. За возраста,  годините за мене се само бројка. Што се однесува до образованието,  запишана сум на додипломски студии – економски науки.

За министрите, градоначалникот… Вистина ли е дека политичарите те палат?

-Градоначалник, министер, политичар… Тоа е само титула…

Loading