ПРОМОЦИЈА НА ДВЕ ЛИТЕРАТУРНИ ДЕЛА НА БИЛЈАНА ТИНТОСКА

Двете нови дела од професорот и писател Билјана Тинтоска, романот “Ангел во тело” и збирката раскази “Работилница за живот”, се два различни пристапа на темата –  љубов. Мотивот бил од професијата.

– Во фокусот стои светоста на личноста и делото на познатиот академик, научник, универзитетски професор, хирург со широк спектар, лекар од светски ранг, архиереј и светител, Лука Војно – Јесенецки, во светот Валентин Феликсович, наш современик до средината на 20 век, чии научни иноваторски дострели и денес ги користи современата медицина. Во еден дел, книгата е мој дар за него. Читателите имаат можност да дознаат зошто лекарот е ангел во тело. “Ангел во тело” во голема мера е роман за млади, бидејќи тие се неисцрпен мотив – вели Тинтоска.

За збирката раскази “Работилница за живот” поттикот го добила од музиката, од народните песни.

– Преку избор на 12, од стотиците наши народни бисери, ја обновувам актуелноста на пораките што ги носат, по еден расказ за секој месец. Животната мудрост која ја црпиме од фолклорното богатство никогаш не застарува, не заостанува и не одминува. Пораките се универзални, делотворни и корисни за век и веков – објаснува Билјана Тинтоска за нејзината збирка раскази.

Loading