ОД АДОЛЕСЦЕНТ ВО ТИНЕЈЏЕР

14 години ЗЕНИТ

В раце ви е 696-от број на вашиот и наш прилепски неделник Зенит. Од денеска ја броиме 15-тата година од излегувањето на првиот број на 2 мај во 2008 година.

Речиси 700 петоци се надеваме дека успеваме да ја одржиме вашата доверба, да не ги изневериме вашите очекувања со понуда на четива од секојдневието, со животните приказни на необичните наши сограѓани, со нивните пасии, страсти и занимања, со обележјата на градот, празниците, културно историските споменици и спортските настани и организации. Нема место за плачки и солзи за гараметот во одржувањето на ова гласило. Со гајрет, заедно создаваме историја и во овие времиња кога печатените медиуми тешко одолеваат на челичните тупаници на електронските медуми, особено на дигиталната технологија, на социјалните мрежи и веб порталите.

Сепак, ја архивираме не само на хартија историјата на градот, идните генерации некогаш да ја отворат и да ја извадат од прашливите долапи, љубопитно откривајќи каков бил процесот на подемот на градот.

Колкава ризница и богатство стои меѓу илјадниците страници, ќе одредат следните декади. Дотогаш стемено го негуваме неделникот кој од адолесцент влегува во тинејџерските години, верувајќи дека ќе доживее зрелост. 

Loading