ДЕЦАТА СЕ НАШИТЕ УТРЕШНИ СУДИИ

Говор на омраза било ако кажам дека сум Македонец, дека моите предци биле Македонци и дека мојот јазик е различен од бугарскиот. Лесно е да си дел од стадото, но тешко е да си поединец кој држи до својот интегритет. Молчењето на некои наши политичари и историчари е знак на оттуѓеност од сопствениот народ. Ако се научници, треба да знаат што прават. Ако се политичари, треба да внимаваат што прават.

Грците го пречекаа македонскиот дародавател со овации. Заев изјави дека е пример за Европа како се решаваат конфликтите. За тоа требало и храброст. Ако со предавство се решаваат конфликтите, европските затвори би биле преполни. Неговата храброст е јавна манифестација на омраза за сопствената држава и народ. Тој е пример во светот како сам ја разградува сопствената држава. Ненадминлив е во антимакедонизмот.

Албанските терористи станаа власт, а македонските бранители се осудени и затворени како терористи. Ја реализираа нивната “непостоечка” Тиранска платформа потполно. Бујар Османи својот идентитет го заштити со Бадинтерово мнозинство, односно со вето, а мојот идентет не го штити, односно го штити на свој начин.

Злосторниокот се врати на местото на злосторот. По испраќањето на македонските Евреи во логорот на смртта од страна на бугарскиот фашистички окупатор, во Битола го донесоа хитлеровиот соработник Ванчо Михајлов, кој не признава постоење на македонски народ. Без укинување на ова здружение стануваме соучесници. Модерна Европа се заснова на антифашистички темели. Не смее да се толерира повампирениот фашизам.

Преку антимакедонизмот безмилосно се раскрчмуваат националните интереси и достоинство. Размакедончувањето оди до непрепознатливост. Метју Нимиц, како европски претставник, изјави: “Никогаш ова не би í го направил на мојата земја”. Современата Европа се чуди како лесно ја раздаваме сопствената земја. Франција и други пет членки на ЕУ го бранат својот јазик со посебен закон. За Трамп и Макрон, националните интереси им се пред сé.

Се ближи 9-ти Мај, Денот на Европа, односно Денот на победата над фашизмот. Бугарските и македонските “европјани” заедно ќе го слават низ културните центри на Ванчо Михајлов. За нас Македонците важна била иднината, а не минатото, иако покрај своето го сакаат и нашето. Не се прави политика од моралот и културата. Тие не се битпазарска стока.

Да си ги цениме вредностите – историја, јазик и култура. Тоа е идентитетот. Само поразени земји потпишуваат вакви договори.

ПРИМ. ДР . Б. ДАМЕСКИ

Loading