ГОЛЕМО ДЕРБИ ПОБЕДА – БЕЛАСИЦА

Фудбал

Кој победува, тој е погоре на табелата по двата круга на Втората фудбалска лига – Исток. Ова важи за големото дерби Победа-Беласица, кое се игра в сабота (14 ч.) на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, во Прилеп. Ако трите бода се за прилепскиот тим, тогаш можно е првото место доколку Слога не успее да победи дома со Саса. Ако Беласица триумфира, струмичани се со шанса за второто место доколку Слога не победи. Драматика и неизвесност, како и во претходното коло кога Детонит и судиските одлуки не и дозволија на Победа повеќе од реми (0;0), а Кожуф со нерешено (1:1) ја стопира Слога.

Кога се спомнуваат Победа и Беласица, прва асоцијација е публиката. Во фудбалската историја е запишано дека на 24 јуни 1979 година кога се сретнале овие две екипи. На трибините во Прилеп имало околу 15 илјади гледачи. Во битката за првото место во Републичката лига, победува Победа со 3:1. Слична тензија има и сега, во борбата за влез во Првата лига. Оттука и очекувањата за многу публика. Може да се рече дерби на сезоната, дерби кое заслужува да биде гледано од повеќе илјади гледачи. Победа есеноска успеа да ги земе бодовите од Струмица (1:0), па шансите за повторување на успехот, секако, постојат и пред своите навивачи.

Табела: Победа и Слога по 36, Беласица и Саса по 34,  Осогово 22, Кожуф 21, Детонит 20, Пехчево 19, Братство 10, Локомотива 6.

Сензација од Братство

Екипата на Братство, иако претпоследна на табелата, нема да се предаде во борбата за опстанок. Потврда е најновиот меч. Тимот од Житоше успеа да ја совлада Саса во Каменица со 1:0 со голот на Соте Андреески. Триумф таму каде никој не успеал. Братство е единственото што двапати ја совлада Саса сезонава.

Со оптимизам се очекува следниот меч, дома со Детонит.  

Loading