ДЕЦАТА НА ПОПОТ И ПРЕЗВИТЕРАТА ЕЛЕНА

100 години од смртта на протоерејот Панто Ацев (2)

Протоереј Панто Ацев со презвитерата Елена имале пет деца: Параскева, Катерина, Сотир, Михајло и Љубен.

Ќерката Параскева завршила Солунска гимназија и била учителка во Прилеп. Судејќи според фотографиите од тоа време, Параскева била учителка во генерацијата на видни интелектуалци. За жал, починала премногу млада, во 1912 година, на 32-годишна возраст, немажена. Погребана е во семејната гробница во Прилеп, заедно со нејзините родители.

Втората ќерка, Катерина, родена е во 1885 година во Прилеп. Божја волја било Катерина да има тежок и макотрпен живот. Во 1911 година таа се омажила за некој богат Прилепчанец, повратник од Америка. Во бракот им се родила ќерката Василка, но девојчето починало и бракот брзо се растурил. Во 1923 година се омажила по вторпат, за српскиот офицер Лајко Андреевиќ. Им се родила ќерката Гордана. Катерина се мажела и по третпат, со тутунскиот инженер/технолог Стефан Масникоса, кој бил родум од Кистање кај Шибеник, Хрватска. Катерина починала во 1974 година во Охрид.

Синот Сотир се родил во 1895 година. Прилепчани него го запамтиле по прекарот „Попанана”. Сотир бил мошне едуциран и имотен човек. Во 1930 година се оженил со Зора Симоноска. Вршел одговорни функции во сферата на финансиите. По смртта на родителите, тој го презел управувањето со големиот наследен имот и грижата за сестрата Катерина и помалиот брат Љубен, како и старателството врз внуката од сестра – Гордана. Сотир Попанана останал во Прилеп речиси сиот свој живот. Во бракот со Зора им се родиле Панта – Панче (Прилеп, 1933 – Скопје, 1995), кој работел како професор по психологија; Елена (Прилеп, 1935); Костадин – Кочо (Прилеп, 1936 – Скопје, 2003), дипломиран правник и долгогодишен помошник министер за финансии и Ратка (Прилеп, 1938), која била заболекарка.

Синот Љубен заминал на учење во Хрватска, каде под името Љубомир Поп Ациќ оформил семејство со Јакомина во Риека. Во бракот со неа им се родиле пет деца, но по војната се развел со Јакомина и се преженил во Крижевци, а во вториот брак добил уште четири деца. Бројната челад на Љубен денес е расселена низ цела Хрватска и Германија.

Синот Михајло починал млад, како ерген во Прилеп.

Денешните потомци на отец Панто со восхит се сеќаваат на раскажувањата од постарите, како во домот задолжително се читале молитвите пред секој оброк, таванот бил прекрасно живописан со ангели.

ВНУКАТА ЧУВАЛА СТРАЖА ПРЕД УЧАСТОКОТ

Внуката на отец Панто, од ќерката Катерина, која се викала Гордана, била активен учесник во НОВ и била одликувана со ордени и медали. Една е од ретките жени која чувала стража при нападот на Участакот. Осудена била на 15 годишна робија. Била раководител на Хидро – метеоролошкиот завод во Охрид, каде што во 1946 година стапила во брак со првоборецот Благој Ангеличин – Жура имале три деца. Чифликот во селото Лагово го подарила на државата и никогаш не побарала државна или боречка пензија. Водела грижа за роднините од Хрватска, го згрижила братучедот Кочо во Охрид и вториот родител, вујкото Сотир Попанана, кој 1963 година со сопругата Зора го напуштиле Прилеп.

Според Поменикот, семејството на прота Панто и презвитерата Елена биле во тесни роднински врски со Попантовци, Поповци (семејството на Митрополитот Методиј), Магдевци, Саратиновци, Букарчевци, Бакалиновци од Битола… Семејна слава им била Петковден.

            КАСЕЛА ЗА СПОМЕН

Ќерката на отец Панто – Катерина, по смртта на сопругот Стефан Масникоса, во 1953 година се иселила од Прилеп и се згрижила во Охрид, при домот на ќерката Гордана. Сиот свој имот му го оставила на братот Сотир. За спомен од домот на нејзиниот татко, со себе понесла една касела од 1911 година, сета во кожа, а одвнатре со свила, полна со спомени од нејзината младост: шапки, филигрански накит, боа – пердуви од ној во разни бои за опшивање на робите, неколку шанданчиња за свеќи, како и еден крст.

Извор: Олд Прилеп

Loading