АЈДЕ, ЗДРАМИ СИ !

“Македонија има најмногу универзитети по глава на жител”. Ваква реченица слушнавме од универзитетска професорка, која зборуваше за високото образование во Македонија. Ја критикуваше ваквата појава. И заслужува критика. А, ние ќе ја критикуваме професорката за изразот “По глава на жител”. Ова го слушаме многупати и од многумина, но најмалку да го слушаме од универзитетски професор. Ако се размисли, ќе се види дека тоа е, не само погрешно, туку и смешно. “По глава на жител”? Па еден жител има една глава. Ќе се послужиме со друг пример, сличен на овој. Сточарите, оние кои одгледуваат, да речеме, овци. Се вели дека тој и тој сточар одгледува толку и толку овци или толку и толку грла. Тие сточари добиваат определени субвенции, да речеме 1000 денари по овца. Можеме да речеме илјада денари по грло. Дали можеме да речеме дека добиваат 1000 денари по грло на овца? Се разбира дека не. Ќе се рече или по грло или по овца. Исто е и со универзитетите во Македонија. Најмногу универзитети по жител, а не по глава на жител. Значи, се бројат жителите, се бројат и универзитетите и се наоѓа соодносот, на колку жители колку универзитети. Зошто редовно се користи изразот “По глава на жител”? Зошто е тоа така, знаат само тие што велат или поточно не знаат што велат.

Стануваше збор за дефект на некаква машина. Ја слушнавме следнава реченица: “Корозирана била осовината”. Именката “осовина” ја нема во нашиот јазик. Кај нас тоа е – ОСКА. Никој нема да рече дека земјата се врти околу својата осовина, сите би рекле дека се врти околу својата оска. Ако се расипе колата, мајсторот ќе рече дека пукнала осовината. И не само автомеханичарот, сите ја викаат така. Во извесна механичка работилница, нарочно го употребивме зборот “оска”. Тоа предизвика извесно потсмевање од присутните. Ги имаше седум – осум души. Еден од мајсторите, дискретно нé повлече за рака, нé тргна малку настрана. Тивко објаснува: “Осовина се вика, осовина. Немој така, ќе ти се смеат”. Мајсторот го направи тоа чисто пријателски, а ние ништо не прокоментиравме. Нé натера малку да подразмислиме. Зошто за нашиве луѓе е срамно и смешно ако употребиме наш збор. На пример, зборот “шанта” (шантра). Механичарот ќе ви рече дека ако гумата не е во ред, колцето ќе баца. Колцето ќе БАЦА! Во ваквата ситуација колцето ќе се врти неправилно. Зошто не се вели дека тоа ќе отфрла, ќе се шантра? Напишавме ШАНТРА, а во Речникот (тритомниот) пишува дека правилната форма е ШАНТА. Регистриран е и зборот ШАНТРА, но со укажување на ШАНТА. Но, нашиве луѓе, и мајсторите и возачите велат дека колцето ќе БАЦА. Вакви примери има многу, премногу!

Сериски филм на некоја ТВ. Актерите, учесниците седат на маса, ги полнат чашите со вино и наздравуваат: “Ајде, во ваше здравје”! Како е тоа “во ваше здравје”? Зошто да не биде нашето, толку познато наздравување “Ајде, наздравје”? Ако баш треба да се потенцира желбата дека токму на некого треба да му се упати здравицата, тогаш може да се рече “Ајде, за ваше здравје”! Преведувачот сакал да ги одбегне нашите “припрости” наздравувања, па се определил да најде нешто “покултурно” и вели “Ајде, во ваше здравје”! А имаме ние и “наздравје” и “добра мисла” и други здравици. Дури и малку подзаборавеното “здрамиси”. Тоа е добиено од – здрав да ми си! Но…

Loading