МУЗИКАТА И БИЛА СУДБИНА 

Афирмирани прилепчани во светот – виоленчелистката Душка Тасеска

– Професионално соработувала со Андре Навара, еден од најголемите виолончелисти на 20-тиот век

– Основоположник е на современата виолончелистичка школа на Факултетот за музичка уметност во Скопје

Прилеп има бројни уметници. Расадник е на талентирани личности кои доживеале и светска слава и биле познати надалеку. Од писатели, актери, сликари, скулптори… Меѓу музичарите е виолончелистката Душка Тасеска. За неа, потсети прилепскиот портал Олд Прилеп, објавувајќи текст и фотографии кои говорат за блескавата кариера на прилепчанката која била првата македонска виолончелистка. Пренесуваат текст од 2012 година од Мирјана Павловска – Шулајковска, кој е вовед од монографијата “Душка Тасеска – Музиката како судбина”. Се прикажува животната и уметничката приказна на Душка Тасеска, нејзиниот исклучителен придонес во развојот на македонската музичка репродуктивна уметност од втората половина на минатиот век до денес, како доајен на музичката педагогија во Македонија.

“Сето тоа започнува со големата љубов кон виолончелото и на првичен поглед со детското љубопитство за тајно изучување на инструментот во првата година во Нижото музичко училиште во Прилеп, што кај Тасеска прераснува и се претопува во голема истрајност за изодување на макотрпниот уметнички пат. Нејзината уметност е карактеризирана како “една особено чувствителна и емотивна изведба”, како индивидуалност во изведениот тон и “умешноста музичката материја да се облагороди и продухови”.

Родена е во Прилеп во 1938 година. По завршувањето на Средното музичко училиште во Скопје, уметничкиот растеж ја води на Музичката академија во Загреб, кај проф. Рудолф Матц. Потоа, во периодот од 1966 до 1969 година и во светската престолнина на уметноста – Париз, кај познатиот виолончелист Елефтериос Папаставро во Интернационалната музичка академија “Екол Нормал”, каде што ги завршува и постдипломските студии и се стекнува со диплома за концертен виолончелист. По завршената аудиција и стекнатото членство во францускиот камерен оркестар кој е со голема светска кариера “Пол Куенц” во Париз таа пишува значајна интернационална кариера и гостувања во Европа, САД, Порторико…

Враќањето во татковината претставува континуирана нишка со многубројни солистички настапи и настапи со оркестри на домашната сцена. Потоа  и во поголемите градови на поранешна Југославија, на концертните сцени во Франција, Русија, Романија, Мексико, Венецуела, Колумбија, Перу… и на меѓународни фестивали. Овие остварувања на Душка Тасеска денес и го даваат пиететот на првата македонска виолончелистка со изградена солистичка кариера и со респектабилен број изведени дела и настапи… Професионалната соработка од 1971 до 1975 година, со еден од најголемите виолончелисти на 20-тиот век, Андре Навара, претставува огромен придонес во музичката педагогија кај нас, како основоположник на современата виолончелистичка школа во Македонија, на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Последните работни децении до пензионирањето во 2002 година, таа несебично ги предава тајните на инструментот во педагошката дејност. Тоа резултира со изведба на генерации на виолончелисти кои денес се педагози и музички уметници во музичките училишта, во оркестрите на Македонската филхармонија и Македонската Опера, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а некои од нив и во странство. Соочувањето и реконструкцијата на уметничкиот пат на уникатната виолончелистка претставува осветлување на настаните и на значајните достигнувања на Тасеска како еден од доајените во великиот мозаик на македонската музичка култура и воопшто на културата на почвата на Македонија.

Ова, меѓу другото го забележува Мирјана Павловска – Шулајковска во монографијата посветена на прилепчанката Душка Тасеска. Текстот го објави порталот Олд Прилеп.   

Душка Тасеска, една од првите македонски академски музичари со светско реноме, почина на 4 декември 2021 г. Таа е истакнат македонски репродуктивен уметник која настапувала на бројни концерти.

Loading