ДРЖАВА

Белешка

Седиме  неколкумина бадијалџии во незагреаната кафеана и го арчиме времето “чукајќи празна слама”. Еден кажи едно, друг надоврзи се. Така кој позитивен во муабетот, а кој контраш. Дојдовме до заклучок дека народот е виновен за сегашнава состојба во македонсково општество. Се сложивме со муабетите дека ова што сега го преживуваме не е од вчера, ами е “заглавена” со години.

-Се знае. Работава почна со распродажбата на државното –  рече еден од друштвото на контрашите.

Сé се распродаде. Уште се распродаваат државни фирми. Само што сега морало да биде познат сопственикот, да имало титулар на сопственоста да се знае кој е за работа, а кој за одговорност.

-Што сакаме сега да чини – се надоврзува другиот контраш.

Веднаш му се “запнавме”, ние од другата страна. Не може да биде уште социјализам сите да одговараме за се општата неработа (небаре сега е поинаку). Затоа се изврши приватизацијата и заврши. Така стоевме на нашиот став, секајќи да го замолчиме нашиот собеседник кој ептен запнуваше за тоа дека уште тогаш се згрешило, и тоа најмногу.

-Каде е сега дел од Електростопанство. ЕВН не е веќе државно. ЕСМ и Мепсо станаа алипни фирми. Прават скапа струја со илјадници неспособни партиски легачи. Сега не се знае кој и за што треба да одговара. Сега повикот е кон државата која произведува скапа струја со енормно високи и тенедри. Се знае во чие време и кој беше пазарџијата на дел од државното  електростопанство. По, ова се продаде дел од Телеком. Останаа некои ситни држвани акции, колку да се стваат партиски членови во управниот одбор и да лапаат по неколку илјади евра месечно и да се зема нешто како дивиденда, од државниот дел на сопственоста. Курбан отиде и рафинеријата Окта. На барабан отиде и аеродромот во Скопје. Каде се во градов Партизан Еуроинвест… Тутунскиот комбинат за среќа уште е државна фирма која соработува со интернационалната компанија Филип Морис и на полето на откупот на тутунот и кај цигарите. Не им е лесно, оти имаат конкуренција  од десетина странски откупувачи на тутун. Мермерот одамна се продаде, а  работниците зедоа своевремено арна пара. Се продаваат блоковите мермерни и плочките низ цел свет. Да ја споменам Билјана, па Политекст, Металец, Црн Бор, Пелагонија турист кој се бореше за пазар со големи превозни и патнички компании во Југославија.

Има уште за редење, ама дел од муабетчиите останаа без зборови. Молчат како риби! Сакале или не, за дел од “фактите” беше во право. Стои прашањето, оти не е продадена македонската железница. Што остана од неа – само шините р’ѓосани и зараснати. Затоа никој не се зафаќа. Остана и автопатот што заради името и го прекрстивме во “Пријателство”.

Се обидовме да му вратиме со контра муабет дека на местото од затворените фирми никнаа и се отворија други. Ама за енергетската криза што сега нé зафати и не снајде не најдовме чаре да го “потиснеме” со аргументи. Затоа  контрата како да зеде сила и без одмор пак се запна.

 -Сé е во рацете на администрацијата. За таму сметнувам капа, иако е студено. Се преполнија канцелариите. Нема каде да седат новопримените, дали од едната или од другата политичка опција. Сеедно. Дали сме токму држава или ние не сме токму народ, ааа!?

К.Р.

Loading