СЕ РАСПЛАМТУВА КОВИД 19

Новиот сој на Ковид 19, наречен Омикрон, кој е доминантен, не ги поштедува и прилепчани. После новогодишните празници и опуштањето во почитувањето на мерките за заштита, нагло расте бројот на заразените, дури и по третпат на прележаните, па и на не мал број на вакцинирани со две дози.

Последните податоци сведочат дека дневно во просек се заразуваат над сто прилепчани, а неофицијалните бројки, според оценките на стручнаците се најмалку двојно поголеми, бидејќи многумина не бараат лекарска помош и тестирање за утврдувње на болеста. Забележано е дека околу 20 отсто од новозаразените Ковидот 19 им се дијагностицира по втор, па и по третпат. Имунолошкиот систем опаднал и кај намалку 10 отсто од вакцинираните.

Последната бројка на заразени од средата (19 јануари) во Прилеп беше 107-мина. Активни се 1040 случаи, а досега се заразиле 12 201 граѓанин. Тоа е индикатор дека се разгорува болеста, но не се сериозно оптоварени здравствените установи, бидејќи симптомите на омикрон не се силни и остри, така што многумина остануваат на домашен третман, а некои не се јавуваат ниту кај матичните лекари, туку самостојно се лечат во домашни услови. Сепак, без разлика на интензитетот на знаците на болеста, лекарите препорачуваат јавување во медицинските установи, бидејќи болеста е непредвидлива и можно е наеднаш да предизвика фатални последици.

Како и да е, нужна е заштитата со одговорно однесување преку носење на заштитни маски во затворени простори со повеќе луѓе и одржување на растојание, додека на постарите за превенција плус им се препорачуваат консумирање природни витамински оброци и напитоци.

Loading