МОНИКА МОТЕСКА И РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ НА ВЕНЕЦИСКО БИЕНАЛЕ

Нашите уметници, Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски, кои живеат и творат во Скопје, ќе бидат официјални претставници на Македонија на 59-то Уметничкото биенале во Венеција со проектот “Landscape experience “.

Стручната комисија при Министерството за култура одбирајќи го проектот посочува дека низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни, локални и национални, а сепак, универзално препознатливи.

Проектот е мултимедијална инсталација составена од видеопроекции, фотографии и објекти. Третира повеќе проблеми и може да се чита на повеќе нивоа. Со секое следно читање се отвораат нови прашања за нашата планета, како безумието на војните и беспоштедното губење на животи. Осуда на насилството врз човекот и природата. Еколошките катастрофи кои, за разлика од војните каде што се случува моментално уништување, бавно и тивко ги уништуваат живите организми. Проектот го проблематизира човекот и еколошката свест и човекот и политичката свесност. Проблематизирајќи ги овие теми, загребуваме и навлегуваме длабоко во смислата на постоењето и одговорноста. Следејќи ги насоките на кураторката на биеналето, Сесилија Алемани, иако нашиот проект зборува за уништување, изумирање и слично, сепак, постојат делови кои влеваат оптимизам дека човештвото ќе успее да се справи со сета земјина дистопија – велат авторите.

Мотеска, како современ уметник, со различен интерес за уметноста реализирала бројни самостојни и групни изложби во земјата и во странство, меѓу кои и родниот Прилеп.

Јанкулоски, кој го освои регионалниот и европскиот културен простор,  се издвојува со иновативни истражувања во едно проширено поле во уметноста. Реализирал 36 самостојни изложби (Прилеп) и учествувал на голем број групни, во земјата и во светот. Добитник е на неколку награди од областа на визуелните уметности и филмот и носител на титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста, доделен од Министерството за култура на Франција.

Loading