“РОБ” НА ГУЛАБИТЕ ПОЛОВИНА ВЕК

Бранко Нешкоски Матата (63)

– Меракот не исчезнува, туку се засилува со годините

– Одгледува околу сто вредни видови

Кога Јован Крстител го крштевал Исус во реката Јордан на Богојавление, Водици, небото се отворило, а Светиот Дух се појавил во вид на гулаб. Ова е мотивот што прилепските љубители и одгледувачи на гулаби  го имаат овој ден за неофицијален празник. Впрочем, во црквите на Водици се пуштаат гулаби да се означи јавувањето на Светиот Дух како гулаб што е и симбол на мирот.       

Празник е и за 63 годишниот страстен одгледувач Бранко Нешкоски –  Матата. Покрај семејството, тој повеќе од половина век го посветил на гулабите. Крастата од детството никогаш не го напуштила. “Роб” им е на птиците, во кои му “запнува” окото. Не само кога ужива во пердувестото руво, ѓерданот околу вратот, туку и кога летаат, макар што летањето во облаците на неговото јато сега е веќе минато, оти се слади на гулабите кога ги гледа во кутлукот и во заградената површина од дваесетина квадрати.    

-Со гулабите сум од 13 години, откако ми дозволи татко ми. Како помал одев кај мераклијата за гулаби Пере Талимџија. Таму бев калфа. Ги откривав тајните и го совладав “занаетот”. Ептен се радував, кога газдата ќе заминеше некаде и ќе ми го оставеше клучот да ги нахранам и да ги летнам, небаре и јас гледав од небото долу – вели Матата.

Пред 50 години било многу развиено гулабарството. Имало многу одледувачи кои ги леткале. Според Нешкоски, сега се губи силата на меракот за летање на милениците.

-Се одгледуваа донеци, мсрки и кутови. Ги летаме. Гордоста беше во големината на јатото. Во синилото како точки се гледаа стотина, па и повеќе гулаби. Така се привлекуваа други, туѓи, кои се фаќаа, но и се враќаа на газдите. Имаше намус. Сега тие гулаби, летачи, се евтини. Особено од сојот кутови. Но, се одгледуваат како добри родители. Под нив се оставаат јајца од квалитетни родители или млади за да ги израснат брзо – кажува Матата.               Гулабарството бледнее. Сé помалку се пасионираните одгледувачи. Гулабите не се летаат како некогаш, да се прави ќеф кога ќе се кренат в ава. Се летаат да се покаже бројноста на јатото. Гордост е да се има 50, 100, 200.

Во муслиманските села Канатларци и Буџаково уште се летаат најголемите јата од по 200 гулаби.

-Не се летаат оти ги фаќа соколот. Чудно е, ама не ги летаат и тие  кои вредат сто, двеста, триста денари, а некогаш тие вредеа 800 денари. Сега со тие пари се купуваат од 5 до 8. Цената им е падната, оти не се летаат. Неколкумина стари “запалени” одгледувачи одржуваат јата на скапи и вредни гулаби. Не ги летаат, оти стравуваат да не им побегнат или да им станат плен на соколот – вели тој.

Голем дел од гулабарите се преориентирале на стари видови гулаби останати од турско кои се викаат амаци кои не летаат. Тие се скапи.

-На пример, алаџи и палчакал има од 500 до 15.000 денари. Се ценат, оти се богати со многу работи – должина на клунот, форма, глава, чело, тил, врат… Најмалку 30 елементи го красат гулабот, а кои се мерило за квалитет. Тие критериуми не се никаде пишани. Пренесувани се од колено на колено. Гулабите од прилепско, битолско не се одгледуваат во другите краеви. Единствено како македонска сорта е дунерот или донек или гаштар. Нив ги чуваат скоро во цела Македонија. Гулабите не ги летам. Ги одгледувам во заградена мрежа од 20 квадрати. Бараат да летаат, сакаат, но немам храброст, бидејќи еден  вреди од 100 – 150 евра. Може да се загуби, некој друг гулабар да го фати и да не ти го врати или да бара двојно повеќе од цената колку чини. Нема веќе еснаф меѓу гулабарите, другарство и колегијалност. Ретки се тие кои враќаат некој загубен гулаб – објаснува страстниот гулабар Нешкоски.

Кажува дека некогаш гулабите му се гарамет. Ангажира другар да ги храни додека неколку денови оди на риболов.

-Бараат нега при чивтењето. Треба да се чуваат во просторија посебно за да не излезат неквалитетни. Има гулаби азгани. Ја зачекува женката за чивтење. Инаку, двапати годишно се прави генерално чистење на кутлукот, пред ведењето и после џулусот. Подот се чисти секој месец. Не се чисти зиме, оти изметот ги топли. Трошок има. Се хранат со пченица царевка, ‘рж, ориз кршен, мелен сув леб замешан со царевно брашно во периодот кога имаат млади, јаврии – го кажува Нешкоски менито на милениците.

Тој смета дека покрај неговото јато каде доминираат алаџи, палчакали и прекрасни мсрки со мали клунчиња, донеците се ценат, бидејќи при слетувањето се вртат, се кршат, прават воздушни акробации. Негува некаде 100-на. Скапите ги продава од дома, а “згрешените” на пазар или ги подарува.

-Нашите се вртеа при слетувањето со широки кругови. Тоа беше насладувањето. Сегашните дунеци вртат во тесни кругови. Сопствениците ги чекаат највредните и најскапите долу со чаршав за да не се повредат при атерирањето на керамиди, да не се мавнат на земја и да умрат или крило да скршат. Тие што се вртат како вртелешка ги летаат по два пати во денот да  ја одржуваат кондицијата – кажува Нешкоски, кој години не пушта гулаби за Водици в црква, оти бил одамна разочаран од свештеник.

Жали што старите сорти исчезнуваат или се дегенерираат, без “свежа” крв. Љубителите си ги препродаваат меѓу себе и така нема нов ген. Дури и во Турција сé помалку се чуваат, туку се земаат од тие со “гаќи”.

Гулабарска гозба на Водици

На традиционалната средба на гулабарите за Водици годинава домаќин беше Звонко Мирчески. Десетмина кај Манѕеро во селото Мажучиште на гозба расправале како да го популаризираат гулабарството кај младите кои не се заинтересирани и затоа нема наследници. Владее разочараност што има млади, растени со гулаби, но не ги сакаат.

Сто булбули

За Нешкоски, миленици се и булбулите. Одгледува и размножува сто булбули и десетина трнанчиња. Веди и бастери и булбули. Врапчињата му се мевлем за душата. Ужива во нивната “песна” која му го гали сетилото за слух и го расположува.

Искубани гулаби во чорапи за Австралија

Некогаш македонските гулаби се продавале во Грција по 300-400-500 марки. Се “шверцувале” дури во Австралија преку авион. Се правеле посебни торби со двојни дна што не ги фаќаат скенерите. Или се кубеле гулабите сосема и се ставале во чорапите додека се минат граничните служби на аеродромите во Мелбурн или Сиднеј. Последниот марифет е пренесување на јајца од гулаби во кутија од бонбоњера. Јајцата таму се ставаат на ведење на било какви гулаби. Така се множат македонските гулаби и преку океанот. 

Македонската “џулија” стана косовска

Пред неколку децении се потрудил Боро Димкароски да го заштити македонскиот гулаб. И Илија Рочески се ангажирал.

-Имаше наш македонски вид мсрка, македонска “џулија”, (џул – пердуви под вратот). Сега таа е претворена во “призренска” или косовска “џулија” – кажува Нешкоски.

Loading