ИСТОРИЈАТА НА ДЛАНКА ВО ДИГИТАЛНА РАМКА

10 години Олд Прилеп

Веќе една деценија веб сајтот Олд Прилеп е прилепската Википедија. Хроничар и историчар низ фотографија и текст. На оние кои знаат и паметат им ја освежуваат меморијата, а за многумина се ново сознание и откритие за минатото на Прилеп и прилепчани. Започнале пред 11 години најпрвин на Фејсбук, со страницата “Прилеп – Стари Фотографии” кога била поставена првата фотографија со што беше означен почетокот на едно убаво дружење со фотографиите од нашиот град. Следната година, идејата ја преточиле во веб страница, тимот од тројцата ентузијасти и вљубеници, со одолевање на предизвицит. Со самофинансирање ја создале веб страницата http://www.oldprilep.com, на која денес има поставено 21.244 фотографии, разместени тематски и хронолошки во 1563 постови. Тврдат дека се првата фејсбук страница со објава на стари фотографии од еден македонски град.

– Први сме и единствени што имаме веб сајт, Олд Прилеп со податоци и фотографии кои никаде ги нема. Тоа е историја за градот. Опишана е секоја фотографија. Ги добиваме бесплатно од семејства кои сакаат со јавноста да ги поделат своите семејни албуми. Откупуваме и фотографии од лиценцирани сајтови за стари слики. Неодамна Германец, чиј прадедо шетал низ Европа и правел фотографии, објави албум во кој имаше 5-6 фотографии за Прилеп. Не ги делеше и бевме приморани да го купиме целиот албум. Соработуваме и со Историските архиви на Белград, Нови Сад и Загреб за фотографии кои прв пат ги виделе – објаснуваат од сајтот од Олд Прилеп (Стар Прилеп).

Сите фотографии се дигитализирани. Оригиналите ги чуваат во албуми.  Ставаат воден жиг, но не може да ги заштитат сосема.

Имаат бројни поддржувачи и соработници. Страстен колекционер од кого користат бројни фотографии е Душко Апостолоски. За почетоците на Прилеп, добиле многу фотографии од Рубинчо Белчески, Александар Миткоски и Душко Темелкоски. Фото зрак и наследникот Александар Десоски им отстапиле стотици фотографии. Голем е списокот на прилепчани кои имаат голем придонес, како билкарот Димкар, оти татко му Христо бил, првиот фотограф во Македонија, од потомците на фотографот Напе добиле многу материјал. Каролина Мицеска им обезбедила фотографии за театарот. Соработуваат со докторот по историја Славчо Ковилоски, со институции, установи, училишта, со колеги од други општини.

Забележуваат и злоупотреби на фотографии и податоци, кога се преземаат цели пасуси, без извор. Во многу научни трудови сајтот е посочен како користена литература. Потребна им е финансиска поддршка, добра волја, на поединци и институции. Се гордеат на контактите кои ги надминуваат виртуелните рамки и се претвораат во искрени пријателства. Иако тимот е мал, тројцата прилепчани Михајло Црвенкоски, отецот Златко Ангелески и Горан Ацески продолжуваат со промоција на Прилеп.

Прилеп низ разгледници

Со поддршка на локалната самоуправа планираат да изработат каталог и  изложба “Прилеп низ разгледници”, од најстарите до најновите, од 200 селектирани фотографии, ќе објават 50-60 разгледници со опис од каде и до каде патувала разгледницата. Најстарата фотографија е разгледница, од дваесеттите години од минатиот век, пратена од Прилеп за Германија.

ПРОЗОРЕЦ ЗА ЗАБОРАВЕНИТЕ И ПОМАЛКУ ПОЗНАТИТЕ

Со нивниот ентузијазам и нескротлив дух, тимот од Олд Прилеп успева да отвори прозорец за интересни информации за заборавени или помалку познати личности. Неодамна објавија сторија за Душка Тасеска која била “вљубена” во виолончело. Пишувале за Властимир Николоски, Коле Чашуле, Блаже Конески, Владимир Кусев, и за старите прилепски семејства: Фукаровци, Чорбевци, Думбаловци, Жеревци, Шапчевци, Бомболовци, Дрзмановци, Калојновци…

Loading