НЕ ЈА ЖАЛИ МАРИКА

Да! “Не ја жали Марика”. Оваа реченица ја ставивме како наслов на овој напис. А што треба да разбереме од неа? Дали ќе го погодиме значењето? Реченицата е запишана од народна приказна емитувана на нашиве ТВ. Преземена е како типичен пример на нарушување на синтаксата. На нашиве ТВ доминира скопскиот говор со сите деформитети. Нарушувањето на синтаксата е една од најголемите грешки кои секојдневно ги слушаме.

Да се вратиме на реченицата. Прашуваме уште еднаш! Што би требало да значи таа? “Не ја жали Марика”! Тоа е извлечено од контекстот. Таква каква што е најпрво нé тера да разбереме дека некој не ја жали односната Марика. А смислата во приказната не беше таква. Таму една личност í сугерира на друга да не ја жали Марика. Во случајов, правилниот распоред на зборовите би бил: “Не жали ја Марика”, а не “Не ја жали Марика”. Редовни се ваквите реченични конструкции на ТВ, особено во преводите. Без да создаде неразбирање може да помине некаде со распоредот на зборовите. Да речеме: “Не го тепај детето”. Јасна е пораката. Дури и да е испуштена именката. Дури и да биде реченицата – “Не го тепај”, разбираме дека постои наредба или молба дека некој не треба да тепа. Тоа создава проблем кога е во прашање глагол од групата “И”. На пример: “Не го гали детето”. Еве ја забуната. Овде може да се разбере дека некој не сака, не го гали детето. Но може да биде во прашање и друго значење: “Не гали го” што би значело немој да го галиш детето. Затоа правилната употреба треба да гласи: “Не гали го детето”. А ние редовно слушаме реченици: “Не се мешај во тоа”, “Не го мирисај цвеќето” и слично. Треба да биде: “Не мешај се во тоа” и “Не мирисај го цвеќето”. Затоа “Не жали ја Марика”!

Уште една грешка од областа на синтакста. Разно-разни средби, состаноци. Разговараат политичарите едни со други. Ќе се формирало ново парламентарно мнозинство. Разговара секој со секого. Се чекаат прес-конференции за разговорите, за резултатот од тие разговори. Меѓу другото, разговарале Заев и Али Ахмети. Се очекува епилогот. Читаме на кајронот од ТВ: “Што Али Ахмети зборувал со Заев”? И овие недоследности ги слушаме редовно. Чудно зошто нашиве луѓе се раководат според српскиот распоред во прашалните реченици. “Што Али Ахмети разговарал”? Во нашиов јазик, во прашалните реченици веднаш по прашалниот збор доаѓа глаголот. Значи: “Што разговарал Али Ахмети со Заев”? Може и “Што разговарал со Заев Али Ахмети”? Но, по прашалното зборче “што” треба да дојде глаголот. Еве и друга реченица: “Кога ВМРО – ДПМНЕ ќе го одржи редовниот конгрес”? Треба: “Кога ќе го одржи ВМРО – ДПМНЕ редовниот конгрес”? Во оваа реченица се гледа дека меѓу прашалниот збор “што” и глаголот се наоѓаат кратките зборчиња “ќе” и “го”. Тоа е можно. Невозможни се полнозначните зборови меѓу прашалниот збор и глаголот. Значи, накратко: Не “Што законот донесува”, туку “Што донесува законот”. Редовни грешки, недоследности и никој за тоа не обрнува внимание.

“Согласно законот” стана веќе редовна и непоправлива грешка. Зошто никој не размислува дека треба: “Согласно со законот”? Значи, согласно, во согласност со нешто а не согласно нешто.

Универзитетски професор вели дека потрошувачкиот НОВЧАНИК ќе останел празен. Сосила ги исфрламе зборови “ќесе” и “чанте”. Најголемиот број луѓе велат “новчаник”. Некои пак, божемни лингвисти, форсираат некој чуден збор – “паричник”. Пак според српскиот модел новчаник. И покрај форсирањето, тој збор (паричник) не може да си фати место. И не треба!

Loading