САМОКАНДИДИРАЊЕ

Белешка

Многу години ја следам работата на локалните Јавни претпријатија. Ги знам сите нивни маани и, се разбира, она што е за пофалба. Не секогаш треба да се напаѓа нивната работа. На пример, знам дека тие  имаат “контрола” врз работата од делегирани членови на нивните Управни одбори. Членовите на УО водат сметка, раководните, односно оние што се на чело на ЈП да не “забегаат” настрана во работата. Тука “лежи” зајакот. Во УО има и внатрешни членови како внатрешна контрола. Ја имаше уште во времето на едноумието. Сега се знае. Ако биде член на УО од едната опција – партија, да речеме од онаа на власт, ќе мора да има контра член од другата, опозицијата. За баланс се надворешните членови. За нив сум заинтересиран. Ќе праша некој зошто? Затоа што сметам дека долупотпишаниот Кирил Ристески ќе може да придонесе за подобро работење, на пример, во ЈП Пазари. Да образложам. Секоја среда и сабота сум на пазар од раните утрински саати. На пазар одам, поминувам и во непазарните денови, (можеби од навика). Познати ми се половината од продавачите на тезгите и оние кои купуваат. Мислам дека сум човек кој ги познавам проблемите од поодамна. Така можам да придонесам за подобра работа, се разбира, со моите укажувања и со моето животно и работно искуство. Тоа би значело и ангажирање на пензионер во општествениот живот.

Кога сме кај општествениот живот, мислам дека од многумина имам  “одлични перфоманси”, кое професионално, кое образовно, се разбира, и општествена докажаност. Го поставувам прашањето и сам се кандидирам на пример за член на Управниот одбор во кое и да било  јавно претпријатие или установа од локален карактер. Особено во културните, оти таму никој не ќе ми противречи. Оти сум минал низ повеќе општествени десјности работно, и професионално, и  со образовно искуство. “Печен” сум, дури и “препечен”. Шегата настрана! Преку весников се самокандидирам да бидам член на УО каде и да е. Мислам дека можам да придонесам, иако сум пензионер со моето ЦВ. Од мали нозе читав книги. Земав од пионерскиот дом и потоа. Немаше интернет да се читаат лектирите преку компјутер. Се читаа книги дебели и на факултетот филозофски – книжевност.

Професионално сум се докажан и уште се докажувам. Доколку ме изберат за член на УО, нема да примам надомест месечно како членовите. Ветувам дека средствата ќе ги наменам за хуманитарни цели, за Центарот за деца со посебни  потреби.

Додавам дека не сум припаѓал и не припаѓам на ниту една политичка опција од осамостојувањето на Македонија. Не сум нескромен и не барам неможни нешта за доброто на сите граѓани на Прилеп.

К.Р.

Loading