ЌОРА ЕВРОПА!!!

Белешка

Е,ееееј, до каде ја дотеравме! Го легнавме нашево македонско општество, што го викаме држава, не на колена, ами на мев, со грбот, да не велам со што друго, нагоре! А, зошто? Ќе праша некој. За да прашаш, ќе му речам веднаш, без размислување. Да не си и ти ќор, да нé не гледаш до кое  дереџе го дотеравме општествово?! Не само на локално ниво, ами и пошироко! Еј, не да ни се смеат соседите, оти и тие не се којзнае за колку машала, ами да ни се смее, а мислам дека и í се смачи да нé кара, да нé брани, да нé учи што и како да правиме, веќе цела Европа! Пред две-три години подидуваа во Македонија повредни и важни државници. Сега с’кн, како да се налутија, или како да нé не сајкалат повеќе за народ. Демек, сеедно í е на Европа што отсекогаш ја нарекувале Вавилонска блудница! А, како и да не í е! Нема недела, а да не речам на секои два-три дена да не излезе некоја нова ујдурма! Каде човек и да се сврти, сé е на дур, како само тие ноти да сме ги учеле во музиката. Да речеме дека светот го зафати корона-вирусот во пандемиска димензија. Добро! Со ред, така е. Ама, светот многу брзо се снајде. Набави вакцини, а и соседите. Море ако нé беа тие на почетокот, пците со маст нé ќе не јадеа. Нí дозволија да се вакцинираме кај нив, и тоа џабе! Кај го има тоа, а?! Оти таа Европа (не знам што толку запнавме да одиме таму, небаре сме џенемите на исток или во Африка, или којзнае каде) не нí помогна кога нí требаа вакцини, а?!

Мислите ли дека  Европа не ги гледа, не ги слуша сегашниве циркуси, театарски драмулетки што на политички план се случуваат во нашава, ајде пак држава?! А, она со енергетската криза?! И таму е криза. Добро! Така е! Можеа, ако толку нé сакаа да нé утешат, да нí кажат дека некогаш, било кога ќе нí помогнат. Ами, со корупцијата?! Со на ти-дај ми пратеник? А, она со судството?! Со растот на цените на основните производи?! Инфлација немало?! Можно е, јас не знам, не чувствувам, не гледам. Ама, еве сé се гледа дека Европа, на која í се нудиме толку многу години, не мрднува да нí помогне со влакно. Си гледа сеир одстрана, како бегот некогаш што седел на брегот, а двајца наши се тепале. Секако еден ќе му паднел в раце!!

Истата таа Европа ја убедуваме и í кажуваме дека сé е под конрола. Толку години чекаме во чекалната. Дури почнавме да се подкаруваме со соседната земја од исток. Не знам зошто и што í е малку и што í недостасува. Родила се маана. Како да ни велат, чекајте, има време, рано е. А ние, внатре, ќе се испотепаме да го фатиме кокалот, фотелјата и кој да повела со она што остана од нашиот народ неизбеган. Тргни врати се, си прават со нас како општество, небаре копилиња сме!

Арно ама, треба да си ги погледаме нашите грешки, состојби за кои знаеме дека ги имаме направено! До кога ќе си мислиме дека Европа, таа иста што нé не прима во нејзиното друштво, е ќора, а?!! Сме се зафркнале! Сé се знае и сé се гледа, дури подобро однадвор. Нашиве грешки и глупости не се мали. Со стап не се прескокнуваат. До кај паднавме? Како што сме тргнале надолу, уште ќе пропаѓаме. Само да нé чува Тој, сполај му, да ја пречкртаме зимава и да останеме, ако можеме, на број!!!

К.Р.

Loading