„МИСЛОВНА“ ИМЕНКА

Шетаме со далечинскиот управувач по телевизиските програми. Насекаде платено политичко рекламирање. Предизборно време. Мора така да биде. Ги гледаме платените политички рекламирања. Има тука и доста валкани работи. Во поглед на јазикот, исто така, големи и многу валканици. Доминираат зборовите – одлучно, одлучуваме, одлучувате, народот одлучува и многу такви. Никој не размислува (или не знае) дека коренот на тие зборови е во српскиот глагол ОДЛУЧИТИ, ИЗЛУЧИТИ. ОДЛУКА. Тоа го има значењето на нашите глаголи ОДЛАЧИ, ИЗЛАЧИ. Да се одлачи, да се излачи најдоброто. Рековме, во српскиот јазик тоа гласи ОДЛУЧИТИ, ИЗЛУЧИТИ. Несреќно и помалку неодговорно, многу одамна, е позајмена само именката “одлука”, но не и другите деривати. Нема да детализираме зашто за ова сме пишувале повеќепати. Зошто никој не ги користи нашите зборови – решителност, решавачко, решивме, и слично? Бидејќи во предизборната еуфорија се повторуваат спотовите, осудени сме да ги слушаме непрекинато сите јазични деформитети. Изразот “така да” како чекан удира по глава. Никој не се сети да ја користи македонската форма “така што”. Српското им е поинтересно. Многу грешки. Рековме, се вртат секој ден по којзнае колкупати. Револт предизвикува изјавата на висок политичар кој  соопштува дека ќе реализирале сé што им било “зацртано”. Знае ли тој што значи тоа “зацртано”? Што значи тоа да “зацрташ” нешто? Може да се каже дека ќе се реализира тоа што е внесено во програмата, тоа што е планирано. Ако има нешто што е од посебна важност, може да се рече дека тоа е потцртано, подвлечено или можеби којзнае уште како. Не постои програма која што е “зацртана” или тоа што е најважно да биде зацртано. Нека побараат во Речникот (тритомниот). Таму вели дека зборот значи почна да црта.

Прославата на 11 Октомври се совпадна со предизборниот период. Могилата на непобедените. Обраќање на повеќемина политичари. Конферансие! Најавува и вели: “Сега следи обраќање на тој и тој”. Наместо “следува” тој вели “следи”, а може да каже и дека на ред е тој и тој. Наместо Сојузот на борците, тој вели Сојуз на борци. Редовна грешка. Слична грешка слушнавме еве на некоја ТВ програма: На филозофскиот факултет се одржала средба на генерации. Именката “генерации” е определена, се знае кои се тие, и треба да биде членувана, треба да гласи “генерациите”.

Висок политичар изјавува дека вработеноста растела. Вели: “Се отвараат нови работни места”. Зошто не вели дека се “отвораат”? Именката гласи “отвор”, а не “отвар”. Оваа грешка  е редовна. Ја слушаме и од новинарите и од презентерите.

На некоја наша ТВ прочитавме на кајронот: “Колективниот имунитет кај нас е мисловна именка”. Тој што го напишал тоа не прави разлика меѓу зборовите МИСЛЕН и МИСЛОВЕН. Па нели, уште како деца учевме дека именките се делат на мислени (не мисловни) и конкретни. Конкретни се оние кои можеме да ги видиме или да ги фатиме (молив, клупа, стол) и МИСЛЕНИ (пролет, социјализам, идеја). Значи, мислената именка постои само во мислите а не е материјална. Именка што упатува на апстрактен поим. Во преносна смисла се користи кога се сака да се каже дека станува збор за некаква неостварена идеја. Во овој случај се мисли на тоа дека колективниот имунитет кај нас тешко може да се постигне. Тоа е неостварлива идеја. Луѓето не сакаат да се вакцинираат. Значи, тоа е мислена именка. Но, никако не може да се рече дека тоа е мисловна именка.

Разликата во пишувањето (мислен, мисловен) е мала, но во значењето е голема. Мисловен се однесува на мисла – МИСЛОВЕН процес. Врз основа на некој МИСЛОВЕН процес, како резултат на мислење е постигнат некаков резултат.

Loading