ЖИЛАВО СНОПЧЕ ОД “ПРАЧКИ” НА 77 ГОДИНИ

Другарство од шест децении

Изретчена е единаесетчлената младинска екипа на Победа од шеесетите години. Цел тим, сите биле другари. Генерација, плус-минус година-две. Родени околу1943 година. Останати се уште неколкумина. Кои речиси секојдневно се дружат. Тие што се тука, оти дел живееле во Скопје и во други градови. Повеќе од 60 години се собирале на Василица да го вртат мазникот, да откриваат и да се радуваат на парето на среќата. Иако многудуши, биле небаре една фамилија. Од веселби, свадби, крштевки, па и умирачки, не се делеле. До ден денешен се снопче од прачки кое не се крши, ниту се витка.

Гога Најчески, Кире Мирчески, Миле Илиески – Југецо и Петар Тодоросоки – Чорбе и денес се дружат. Пијат кафе, се сеќаваат на минатото, ја кројат “иднината”, ама спортот им е преокупација, оти најубавите години, младоста, ги минале во љубов со фудбалот, со Победа. Неисцрпни им се муабетите, оти со годините, башка од лековите за здравствените проблеми што им ги носат години, зборуваат и за политика, економија, за перспективите на своите деца и внуците. Го негуваат другарството. Не можат еден без друг, како браќа неразделни. Небаре се гладни, ако секој ден не пијат кафе, понекогаш и ракија заедно. Покрај толку разговори, секогаш имаат нешто интересно да си кажат, да се насмеат, да се вратат на некоја случка, мајтап, доживувања од спортот или младоста, па и од третата доба. Уживаат на  годините пензионерски, нате-нане лафејќи по некој курназлак и среќно минувајќи го животот. Се потсетуваат на другарите кои ги напуштиле порано. Се почитуваат со семејствата. Дури децата ги воспитале да се респектираат. Со почит газат по нивните стапки и внуците од третото колено, потомците, како нивната генерација.

Четворицата се витални. Го држи здравјето. Велат дека ќе се дружат, додека ги држат нозете и умот. Секогаш се со добра мисла. Добро им одат годините. Не се како некогаш кога спортувале и заедно се сликале во Охрид кога изброиле вкупно 68 години, а на одбележувањето на шестдецениското другарство собрале 308 години. Не се предаваат. Уште се жилави за осмата деценија од животот, додека негуваат надеж дека залезот е далеку и мечтаат да доживеат длабока старост.

Младинска екипа на Победа од шесетите години

На сликата се Владо Жилата, Ице Турчето, Мицко Николоски, Диме Чкале, Перкано, Дончо и Лефтер Каргов, покрај Гога Најче, Перо Чорбе, Миле Југецо и Кире Рибарката.

Loading