СТРАВ ОД ЗИМА БЕЗ СТРУЈА!

Белешка

Страв ми е! Се плашам! А, досега во животот мој имам преживеано, сум минал низ многу премрежиња. Своевремено бев и војник, ако тоа значи дека не би требало да се плашам. Но, ете се плашам. Па, нели се вели дека е нормално човек да се плаши. Можеби е така. Кој ќе го знае. А, ваму дојде не само мене, ами и на многумина да им е страв. Ја прележав некако, барем засега корона вирусот, двапати ме перцаа, ако и тоа значи дека не треба да се плашам за здравјето. Но, ништо не се знае. Јас, знам дека ми е страв од многу нешта. Се плашам за себе си и за сите околу мене од доаѓањето на претстојната зима. Здравството се знае на кое дереџе е во ова општество  што уште го нарекуваме држава! Можеби од тоа ми доаѓа да се плашам.

Но, кога ја спомнав зимата, да си признаам, стравувам како ќе пречкртаме во месеците што доаѓаат.  Се грееме  на термо електрична печка. Затоплуваме само една соба, а во другите е ладно камен. Користиме греалка во бањата. Се капиме набрзина (зимско капење, каде натопенети, каде не насупенети) и бегај на топло. Не знам што се не изнакупивме за загревање. Многу, многу секакви средства за греење, освен од овие сега што ги даваа и што ги препорачуваа клима апаративе, можеби и подобро, оти и тие работеле на струја! А, неа како што сите кажуваат, како што читаме и гледаме по ТВ, (и нив ги има многу за олку мало подрачје) и нив ги плаќаме ние, иако ни беше речено, дека нема да плаќаме ТВ претплата. Тоа беше само залажување. Сега директно не í плаќаме на МТВ, како национален државен медиум, (а не знам за што и да í се плаќа), плаќаме индиректно на кабловските операторите во сите градови посебно.

Струја нема да има, а ако ја има ќе биде многу скапа. Многу сме трошеле како домаќинства, а и стопанството, не знам за што, па и тоа троши,  иако не работи. Вината за тоа што нé снајде, а допрва ќе не снајдува, никој не сака да ја прими! Се сеќавам, дедо ми и баба ми се грееја на легаче на дрва. На него се топлеа и готвеа. Во собата седеа со кожуви. Дедо ми со волнени ѕиври и дебели чорапи на рака плетени. Исто, и баба ми. После купија поголем шпорет на дрва. Се затоплуваше собата, ама пак добро облечени. Ние, како семејство, во другата соба имавме шпорет на дрва, малку помодерен. Се сеќавам, “Морава” зелена боја. Па се купуваа други шпорети пак на дрва. Во нив стававме и камен јаглен од рудниците од Босна или од Вевчани. Беше послаб, не согоруваше добро. Имавме и уште ја чувам “Кралица печи” – висок пампур. Во него ставаме и дрва и ќумур (онаква, какви што се загреваа училниците во училиштата). Па дојде друга мода. Се греевме со нафташи, печки на нафта. “Препород”, се викаа. Имавме дури три. Кога ги фрлавме  во отпад со се нафта во казанчињата. Па набавивме и уште ја имам греалка на плин – гас. Затоплуваше, ама ако се седи пред неа. Набавивме термо печка која уште ја користиме и се грееме. Купив, па ги продадов радијаторите. Мислев да правам парно – централно греење. Се откажав, а тоа исто така покрај дрва, или нафта, мора да се приклучи со помпа на струја. Не купив котел за парното. Останав да чекам и да се надевам дека нема да има  проблем со електричната енергија и дека ќе биде како досега, со години наназад. Се надевам дека нема да имам проблем со греењето со термо печката. Се разбира и со бојлерите за греење на водата за зимското капење. Имаме дома и греалки, калорифери и не знам уште какви не грејни тела. Горе на таванот мислам дека имам мало, од тенекија направено рачно на тенекеџии пампурче за греење со потанки дрвца. Не знам што немам купено и што уште не чуваме дома за затоплување. Сепак, ми е страв како ќе ја минеме оваа зима. Лесно им е и им завидувам на скопјаните со централното греење. Ама и за нив важи тоа што се најавува дека нема струјата да ја има!

К.Р.

Loading