ЌЕ ПОМИНЕ ЛИ ПРЕМРЕЖЕТО?

Премреже! Го слушаме овој збор. И во обични разговори и во многу ТВ емисии. Забуната ја прави множинската форма. Мнозина велат ПРЕМРЕЖИЈА. Подолг е патот додека се дошло до формата – ПРЕМРЕЖЕ. Ќе се послужиме со еден сличен случај за да го објасниме патот на премрежето. Станува збор за ПОРЕЧЕ. Тоа прво било со архаичната форма ПОРЕЧИЕ. Се дошло до ПОРЕЧЈЕ, потоа е истисната буквата “Ј” и се добило ПОРЕЧЕ. Денешната современа форма е токму така, ПОРЕЧЕ. Тоа е месното име на тој регион. Значи – ПОРЕЧИЕ, ПОРЕЧЈЕ, и најпосле ПОРЕЧЕ.

Сличен е случајот со именката ПРЕМРЕЖЕ. А што значи овој збор? Тоа е всушност некој тежок проблем кој обично е совладан. Ќе рече некој дека во таа и таа година имал некое премреже, ама минало. Сме слушале од некогашните “гледачки” (гатачки) при претскажување на животот да велат – “На дваесеттата година ќе имаш едно големо премреже, но се ќе помине убаво”. Значи, горе-долу познато е значењето на зборот. Сме имале остра полемика со извесна колешка околу множинската форма. Таа инсистираше да се вели “премрежија”. Залудни беа нашите настојувања да потврдиме дека треба “премрежиња”. Настојувавме да го објасниме со помош на други, слични зборови. Ако е, на пример, шилеже – шилежиња, пороже – порожиња, кофчеже – кофчежиња, па така ќе биде и премреже – премрежиња. А, речиси редовно се вели ПРЕМРЕЖИЈА. Кога би се користела, да речеме, формата ПРЕМРЕЖЈЕ, тогаш множинската форма ќе биде ПРЕМРЕЖЈА. Во никој случај не може и не смее да биде ПРЕМРЕЖИЈА. Зошто го слушаме тоа редовно? Го слушаме како и многу други зборови што ги слушаме, а не треба да ги слушаме така. Белки македонскиот јазик ќе го помине ова премреже и ќе се сети некој лектор да им укаже на презентерите.

Во недостаток на други емисии редовно се вртат народните приказни. Во крајна линија, тоа не е лошо. И во приказните, грешките се редовни. Слушнавме збор што одамна не сме го чуле. Се потсетивме дека и тој своевремено беше предмет на полемика во една театарска претстава во Прилеп. Во приказната слушнавме ваква реченица: “Се плашам дека болеста ќе ме навјаса”. Токму тој збор “навјаса” го свртува вниманието. Во една претстава имаше реплика која го содржеше тој збор. Полемизиравме и тогаш. Тврдевме дека не треба да се вели “навјаса”, туку “наваса”. Ќе ме наваса, значи ќе ме совлада. Ќе се чуе во разговор дека имало многу работа која тешко може да се наваса. Значи, јасно е значењето. Не е јасно како треба: НАВАСА или НАВЈАСА. Рековме дека ние тврдевме оти треба да биде НАВАСА (навасува). Бидејќи тоа не беше доволен доказ, се послужиме и со Речникот (тритомниот). Пишува дека онака, народски, се вели НАВАСА, а всушност точната форма била НАВАКСА. И ние малку се изненадивме. Сме ја знаеле и сме ја употребувале само онаа, народската форма, НАВАСА. Ете, правилното било НАВАКСА. Има во Речникот дадено и неколку примери: “Ќе ме навакса болеста”, или “Многу работа, не ќе можеме да ја наваксаме”. Во Речникот е регистриран и глаголот “поваса”. Ретко се користи тој збор. Во една драма од Коле Чашуле постои реплика: “Гаден дожд, тежок, чиниш ќе те поваса, ќе те турне во калта”. Значењето е тоа. Ќе те победи, ќе те совлада.

Ете, сега случајот со приказната потсетува на тоа одамнешно време. Не натера повторно да пребаруваме во Речникот. Сме заборавиле дека тоа сме го провериле порано. Тогаш, кога престана препирањето, но се согласивме да се користи таа, народската форма – НАВАСА (навасува). Некако, позапорничаво беше да велиме НАВАКСА (наваксува). И дадовме предност на народската форма, но барем сите се согласија дека не треба – НАВЈАСА. На учесниците во приказната не им затребал Речникот. Ниту на актерите, ниту на режисерот, ниту на лекторот. Си тераат како што знаат или, поточно, како што не знаат.

Loading