РАЗДЕЛБАТА!!

Белешка

Доцна е. Знам дека е многу доцна, можеби и премногу задоцнето. Сепак мислам дека не е на одмет да се каже. Еве кажувам. Скоро одбележавме 30 години од постоењето на независна Македонија, три децении самостојност. После толку години би можеле да се запрашаме дали се згреши што се одделивме од федерација, дали државата, ова наше македонско општество, ќе се развиваше по сосема друг пат и дали ќе бевме позадоволни или не??

Што се се направи минатите 30 години? Излеговме ли како држава на ќар или пак сега сме пишман? Пак ќе повторам доцна е за ова размислување. Замина возот и како да не прегази. Се однесуваме како тоа да му случило на некој друг, а не нам, како народ од оваа мала западнобалканска држава. Ете, самостојни, независни (во пракса дали сме независни) или ќуркот ни го кројат други? Ми се чини како да е второво. Ептен запнавме и направивме сé како што бараа и ни велеа другите тие однавор што ништо не ги погодува како ќе се викаме и како натаму ќе опстојуваме како општество. Станавме членка на НАТО!!! Прашање е што се доби со тоа? Биле сигурни границите. Не можел никој да не нападне од соседите!! Зошто би нé напаѓале, зошто им сме вакви какви што сме? Имаме сигурни НАТО граници, а внатре сме разделени. Рогови во вреќа! Ги направивме и ги завршивме и овие локални избори, по којзнае којпат во минатите 30 години. Не им се знае бројот на локаните, претседателските, парламентарните, предвремените, редовните избори?!! И, што добивме? Пак сме разделени, по секоја основа, национална, етничка, верска, и уште каква не. Важно е дека имаме и тоа треба да се признае, многу богати на едната страна, на која сакате да гледате, дали на север, југ, исток и запад. И многу сиромаси. Ваму ни се заканува, според прогнозите на синоптичарите, долга, студена, сурова зима. Многумина набавија клими за греење. Ама, тие, пустите, дувале на струја, а се вели неа нема да ја има.

Повозрасните во години, кои памтат за времето пред независноста, не дека немаше проблеми, туку и тогаш зависевме од побогатите ЈУ – републики. Ама ко да не беше олку дибидус, ќурук. Фирмите работеа на јаглен, на нафта. Секое училиште имаше централно греења на овие горива. Сите дома се греевме на дрва. Ги имаше, не толку неказнети крадачи на дрва. А, што е вистина немаше или не се мереше загаденоста на воздухот. Не бевме олку “свилени” како сега. Бевме млади и задоволни. Во малите региони дури и возовите се движеа на пареа од јаглен. Тоа беше друго, ќе ми рече некој. Да, така е. Не сум од југоносталгичарите кои жала за минатото, за  тоа со што се располагало во бившата федерална држава. Се сеќавам дека веднаш по разделбата во градов, а и по селата, се расипуваа свадби, ако некој од сватовите им порачаше на музичарите да засвират српска песна!!! Сега не е така. Сé е поинаку!! Сé се гледа и се најавува што нé чека. Чекаме во чекалната на ЕУ да влеземе. Тоа се стори многу долго. Ни се смачи од чекање, а од влегувањето нема ниту… И да има, што ќе се смени меѓу нас. Единствено што се знае, тоа не е тајна, како што одат работиве, пак ние ќе бидеме раскарани меѓу себе. На повидок е и нова етничка поделба. Сакал некој да признае или не. По сé изгледа дека нема бегање од тоа. Сигурен сум дека тоа нема да го дочекам. И многумина од мојата генерација, а и помлади. Разделбата е неминовна, гледано од сегашен агол малку понапред во иднина. Не знам тогаш дали ќе има вака често избори било какви, секакви, ама сигурно ќе бидат на подруго ниво, не како сегашниве или како оние што ќе следат во иднина.Тоа е, таква ни била судбината, или…?

К. Р.

Loading