САЕМ НА КНИГАТА

Слушнавме во вестите на Радио Скопје дека ќе бидел отворен – САЕМ НА КНИГА. Веста беше повторена на сите ТВ. И грешката беше повторена. На пример, на Канал 5 презентерката вели Саем на книга. а долу на кајронот пишува Саем на книгата. Во вестите се изнаслушавме и едното, и другото. Се појавија автори, издавачи, писатели. Едни велат САЕМ НА КНИГА, други НА КНИГАТА. Забележавме и некој натпис во саемската сала и на него пишува – САЕМ НА КНИГА. Вистинско шаренило. Зар толку време треба да се размислува да се осознае дека треба да биде САЕМ НА КНИГАТА? Тоа е саем на книгата, како литература, како една од гранките на уметноста. Не е тоа саем на некоја си книга, туку саем на книгата, како што рековме како литературен род. Слична грешка се прави со кумановскиот фестивал “Денови на комедијата”. Тие си го викаат така. Така пишува и на статуетката која се доделува на учесниците од фестивалот. А тоа е всушност, фестивал во чест на комедијата. Комедијата како драмски род, комедијата како посебен вид драмска творба. Не се тоа денови на некојаси комедија, тоа се денови на комедијата, како драмски литературен род. Значи, САЕМ НА КНИГАТА и ДЕНОВИ НА КОМЕДИЈАТА. Замислете кога би имало саем на колата, поточно на лимузината. Тоа ќе биде саем на лимузината како еден вид превозно средство, а нема да биде саем на една лимузина. Следејќи ги така емисиите за САЕМОТ НА КНИГАТА, на некој од штандовите забележавме книга со наслов “Трчање во место”. Не може човек да не воздивне. Иста грешка, голема, како насловот на прекрасната драма од Горан Стефановски. Одлична драма, погрешен наслов – “Лет во место”. Па, секој лет се одвива во некое место, а овде станува збор за тоа дека не може да се изврши тој лет, тоа е лет в место. Затоа насловот треба да гласи “Лет в место”. Човекот не може да летне. Еве, и овој наслов што го видовме “Трчање во место” е таков. Секое трчање се одвива во некое место, но овде станува збор за трчање в место. Човекот не може да почне да трча. Можеби овде не станува збор за човек. можеби за некој процес, можеби за некоја идеја. Што и да е тоа е “Трчање в место”.

Предлогот “во” е на многу, многу места погрешно употребуван. Тој деформитет во скопскиот говор го слушаме, за жал, на сите ТВ. Колку пати сме чуле “Во понеделник ќе врне дожд”? Значи штом ќе дојде кој и да е понеделник, чекајте дожд. А треба да се рече “В понеделник ќе врне дожд”.

На вестите слушаме дека прилепчанец (70-годишен) возел велосипед и во “третото доба”. Тотално, крајно немислење. Лекторите молчат како и обично. Но, тоа треба да го знаат и новинарите и презентерите. Не е потребно голем напор да се сфати дека именката (доба) е од женски род. Значи, тоа е “трета доба”, а не “трето доба”. А ова го слушавме на МТВ, да не згрешиме (нели не треба македонска) на нашиот Национален сервис. Го слушаме од презентерката и го читаме на кајронот. И одново човек мора да крикне, каде сте лектори, арамолепци.

Од сите страни бомби. Јазични. Слушаме коментар на универзитетски професор. Објаснува некои појави. Критикува некои луѓе за нестручно и неодговорно вршење на работите. Кога зборува за личноста или за некој член од законот, вели “дотичниот”. Каде ли го најде тоа? Па нели е професор? Од кого ќе учат обичните луѓе? Зошто не вели “односниот” или во некои случаи “соодветниот”, туку вели “дотичниот”? Зар не знае дека тој збор не е наш, дека воопшто не е потребен? Но, него тоа не го интересира, “не тиче му се”.

Читаме превод од српска емисија. Објаснува некој дека имал многу овци, но немал доволно простор каде да ги чува. Читаме превод дека немал доволно “смештај”. Човекот немал доволно простор за сместување, немал штала, немал трло или којзнае и што. Но, “смештај” никако не смее да биде. Именка со таква форма, со таков завршок, не постои во македонскиот јазик. Истото што од мнозина го слушаме “лежај”, наместо ЛЕГЛО.

Loading