ПРЕДИЗБОРНО

Белешка

Пред некој ден со автобус патував за Скопје. Се знае, на растојание, колку што дозволуваат условите во автобусот.

-Што има да внимавам, си велам – па нели јас Ковид-19 го прележав. Можеби со помали проблеми, ама видов мака.

Трчав по болници, најмногу со велосипедот, оти  ми беше страв да се возам со такси. Контролирав крв и сам си бев медицинска сестра, односно брат. Во војска бев во гарнизонската амбуланта. Секое утро и вечер, сам се боцка од едната и другата страна на стомакот. Да.Сам си ги купував инјекциите, оние со пластичен шприц ( готови со игла). Само дупни со иглата и стегни (не како некогаш со вриење во стерилизатор). На почетокот докторот преку врата ми подвикна дека на крајот сé ќе се рефундира, ама откако ,,оздравев,,. Откако побарав потврда нешто да повратам од не така малкуте пари што ги дадов за инјекциите и за сите останати лекарства. докторот ја подотвори вратата и ми рече:

-Биди здрав и жив. Важно е што куртули!!!

Демек, пари – јок! Сите го штитат Фондот да има пари и за „седачите в канцеларии. А, јас ќе се правам курназ во ова општество и ќе барам пари за оздравувањето!

Така со мислата околу ова, дале не дале излеговме од градот. А, уште тука на почетокот раскопат ,,изгрепчен,, асфалтот со јаки машини, сигурно ќе се асфалтира. Така со возење го префрливме Плетвар. И, тогаш, а и сега си реков. Бараш пари, небаре не знаеш во кое општество живееш! Надолу под Плетвар, кај Топлица и Ракле, крај патот доста изгорени дрва и трева. Се гледа, не било за машала. Долу кај Фариш, за чудо некое, на бетонските делови за мостовите, каде од поодамна пишува Рубау, машини и работници се војваат. Е, малку полугласно, но да ме слушне и сопатникот од спротивната страна на автобусот, преку  средната патека ,,Аирлија, ќе биде нешто и од овој пат, гледаш се работи,,!!

-Пред четири или и помалку години, ми врати сопатникот, не забележав дали се потсмева или не, и тој носеше маска.

Како да не беше тукашен, од градов. Човекот продолжи  сам.

-Знаеш, не сум од градот, ама живеам повеќе години. Зар не гледате каде и да се завртиш низ градот, насекаде се копа, се ринка, се грепчи, се подготвува за големиот ден ,,Д,,. Пред било какви избори градежните работници се ,,разбудуваат,, се носат машини и се работи. Да, ама за малку време, нешто ќе се припрај, колку да се ,,замачкаат,, очите на оние што треба да го дадат гласот. Не знам кои избори беа, редовни, или предвремени, можеби истите машини беа донесени и сето тоа беше парада додека поминаа изборите и толку!!

-Бев во Кавадарци. Вистината не се крие. Таму ништо не се работи, нема машини, нема раскопани улици. Оти?. Тамошниот градоначалник работеше од почетокот на мандатот, цели четири години, а не само пред избори, како онаа ,,запали ја ламбата, да стригнам пет-шеснаесет,,!!

Продолжи човекот, што ми рече дека е од селата околу градот,  без да каже кое. Не ми се виде, барем според зборот, како да не ги познава работите.

-Кога ќе наближиме до Скопје, ќе видиш, едната страна  од автопатот, што го нарековме ,,Пријателство,,  е целосно раскопана. Не верувам дека до изборите ќе успеат да го направат како што беше, оти има многу работа – рече човекот, а јас колку да не молчам:

-Не знам, појма немам!!

К.Р.

Loading