ТЕСНОЛИНЕЈКА И ЖИЧАРНИЦА ПЛЕТВАР – ДРЕНОВЦИ

zicarnica

Патиштата во Македонија во Првата Светска Војна биле ужасни. Мајорот Валтер Теклов, командант на железничките трупи на 11 германска армија, говори за начинот на совладување на транспортните тешкотии при превоз на стока и патници на Македонскиот, Солунски фронт.

-Армијата за два месеци со незапирливо напредување ја прокрстари цела Србија и Македонија. Беше трајно разурнат единствениот шински пат од Белград кон Солун. Само при пробивање преку Србија и Македонија, може да се создаде слика за вчудовидените тешкотии во тие краишта, кои нашите трупи, особено артилеријата и пешадијата требаше да ги совладаат. Калта на таканаречените патишта беше до колена, а колите често пропаѓаа до оските -пишува мајорот Теклов.

Покрај железничкиот правец Скопје – Солун, германската команда се интересирала за патниот правец Градско – Прилеп – Битола и за железничката линија Битола – Солун. Мајорот Теклов напишал.

-Преку глинен – кафеав крај, исполнет со прашина, се провлекува скоро бескрајна колона на двотркални коли и волови како единствено транспортно средство за снабдување на бугарската многубројна армија на Солунскиот фронт. Минуваа недели додека колона на волови го носеше незначителниот корисен товар до фронтот. Колоните не познаваа дисциплина за правецот на движењето. Затоа, одвај беше можно малубројните германски камиони да се провлечат низ лошите и пренатрупани патишта со коли и да бидат ставени на располагање на бугарската армија. Навечер дојдов во Битола да извршам преглед на железничката линија Битола – Солун до фронтот. Имаше повеќе разурнувања. Недостасуваше секаков транспортен материјал – напишал мајорот.

Предложил подобрување на комуникациите со изградба на воена железница (теснолинејка) од Градско до Дреново, изградба на жичарница од Дреново преку преминот Плетвар до Прилеп, а од тука до Битола повторно теснолинејка која би преминала на главната железничка линија Битола – Солун, која исто така би требало да се доведе во исправна состојба.

Со согласност, Теклов почнала градба на теснолинејката Градско – Дреново во 1916 година. Иако постоела желба да се гради на целата траса од Дреново преку Плетвар до Прилеп и Битола, сепак се градела жичарница која не била позната како превозно средство за воените технички единици. Потребата од итен превоз на 800 тони стока дневно од Градско до Дреново, наложила брза градба на жичарницата Дреново – Прилеп. Жичарницата се градела во делови. Најголема мака за градителите биле дрвените столбови, бидејќи во близина немало шума. Градителите оделе дури 50 километри, во крушевско да најдат 442 столба, меѓу кои голем број со должина од 20 метри. Раководителот на градбата со чудење пишува и за енергичниот отпор на македонскиот народ од крушевскиот крај, кој застанал против сечењето на шумата.

zicarnica 2

Првиот дел на жичарницата, од Дреново до Тројаци, долга 20 километри, бил готов во 10 јуни 1916 година. Пренесувал околу 150 тони на ден што ја олеснило градбата на жичарницата. На 28 јуни 1916 бил готов и вториот дел до Прилеп, а два дена потоа била пуштена целата релација од Дреново до Прилеп, долга 36 километри.

На крајот на 1916 година, жичарницата постигнала полн капацитет до 300 тони на ден за 14 часа. Била обезбедувана од 250 бугарски војници и 850 заробеници меѓу кои имало, Романци, Англичани, Шкоти, Индијци, Грци… Тоа не било доволно за потребите за фронтот. Затоа кон крајот на 1916 година почнала градба на жичарницата 2 од Дреново до Плетвар долга 27 километри. Бидејќи постојната дала добри резултати, била градена од ист материјал на едножичен систем. Била трасирана крај постојната. За транспорт од Велес за Прилеп, тешкотии предизвикувал Бабунскиот превој кај Степанци. Да се олесни транспортот кој од Велес бил пренесуван со теснолинејка до Степанци, бил даден налог за одбележување на столбовите од Степанци до теснолинејката Плетвар – Прилеп. Оваа жичарница била изградена во 1917 година. За снабдување на источниот дел на македонскиот фронт била изградена жичарница од Демир Капија преку Конопиште за Рожден. Оваа линија била по реката Бошава, долга 38 километри.

Со изградените теснолинејки и жичарниците, германските и бугарските војски ги снабдувале војниците на македонскиот фронт. И тие не помогнале да се спречи напредувањето на војските на Антантата, кои во 1918 година го пробија фронтот.

Loading