ДА ДАДЕ ГОСПОД…!!!

Белешка

Редовно ги плаќам сметките, ,,режиски,,. У ште пред означениот датум на фактурата за потрошена електрична енергија, струја, вода, ѓубретарина, ТВ, интернет… Ги чувам со години сите подредени во поштенски плика средени по месеци и години. Имам полн куфер за зло време, што се вели, за, не дај Боже. Да не речат ,,немаш платено,,! Но, и тоа се случи.  Два месеца на фактурата од ЕВН ми пишува заостанат долг од илјада и нешто денари. Си реков, ја немаат книжено, лето е и одмори.. Ќе ја исправат другиот месец. Ама, и другиот месец се повтори. Не е на арно, си реков. Ќ е дојдат и ,,чкрап,, со клештите, ќе го скинат кабелот и трчај со платените сметки и докажувај дека е платено за повторно да те приклучат на мрежата.

Првин заѕвонив телефонски на одредениот број – 089-089-089. Оттаму ми рече снимената секретарка, автоматот дека разговорот ќе бил снимен и дека ги плаќам телефонските трошоци. И, и што и?!! Ѕвонеше телефонот, ѕвонеше, можеби 15-тина и повеќе минути, а оттаму ,,Почекајте сите опратори се зафатени,,!!

Видов не видов, го ,,јавнав, велосипедот и дирек долу во просторите на сегашна ЕВН, а поранешна Дистрибуција. Таму дваесетина граѓани наредени еден зад друг чекаат пред влезната врата надвор на 40 степени. Ниту вода, ниту сенка. Се велев дека треба да чекам, кога сум дошол. А и утре да дојдам ќе биде истата слика – чекање. Обезбедувачот пушташе само по еден чекач, оти само еден човек таму примаше странки!!  Зовреа некои луѓе, кај од чекањето, кај од жешкото.

-Да му се сотри сé на тој што го продаде делот од електростопанство пред многу години. Сета фамилија да му изгине со генерации однапред! –  колнеше пристара жена, чиј маж со мало пластично шише, вршеше дотур на вода. Малку ја разладуваше, а ние другите подголтнувавме. Пред влезната врата има и црвен банкомат да може човек сам да ја плати сметката. Пробаа некои, но или тие или автоматот како да не ги ,,познаваше,,. Не можеа да ги платат сметките. Бадијала се мачеа. Додека чекав, а се стори доста време, се изнаслушав вистинити ,,приказни,, случки на чекачите. Некои се жалеа како мене дека платиле или само една сметка не им била платена и им ја ,,скинале,, струјата. Докажуваа дека платиле и чекаа да влезат да докажат со платените налози за да им се даде налог на ,,укинувачите,, да појдат на филан место и да извршат повторно приклучување. Еден човек од Скопје, рече дека дошол и дека сé било во ред, ама немал струја дома. Се бунеше и ептен развикуваше, што на одреден начин нé сметаше нас како да  бевме ние тие што сме му ја  скинале жицата. Што сé не се изнаслушав. Си реков, за тогаш нека е!

-По час и половина чекање на пеколот, ме пуштија во канцеларијата. Му ги подадов сите ппалтени сметки за годинава со сите уплатници. Гледа чиновникот во сметките, гледа во мониторот од компјутерот и по 20 минути, вели;

– Згрешена е уплатницата од претходниот месец. Треба да ја исправам грешката.

Се јавуваше во скопскиот центар, ја пресликуваше, копираше  сметката и фактурата, ја испрати во Скопје.

-Добро, како два, еве три месеци се згрешило, а фактурите ги плаќам во банка. Не сум ги пишувал сметките како што пишувало на фактурата. Така напишала банкарката – чиновничката.

-Едно бројче е згрешено. Затоа е вака.

-И, сега?,

-По еден или два месеца, ќе видиш дали ќе се исправи грешката. Ако не, ќе дојдеш пак овде со сметките и ќе докажуваш.

-Ги зедов сите платени сметки, фактури, сé што ми служи како доказ овојпат, за Бог да чува за зло време. Да си признаам, ми дојде и јас да ја кажам истата клетва, што претходно ја кажа жената пред да влезам во канцеларијата!!!

К.Р.

Loading