100 години од раѓањето на Народниот херој
БОРКА ТАЛЕСКИ – Модерното, Црниот, Докторот, Даскалот
(19.7.1921 – 2.3.1942 – 19.7.2021)
За 100 годишнината од раѓањето на Борка Талески, се говори за неговото дело. Проучувајќи го делото на Народниот херој Борка Талески ми оставаат впечаток поговорките упатени кон неговата мајка Спасија:
,,Не грижи се, во оваа борба нема сите да загинеме, ниту сите да останеме, ако загинам, оние што ќе останат ќе бидат твои синови,,. ,,Аманет ти оставам, главата да не ја наведнеш, пред непријателот, горда да бидеш и солза да не пушташ,,. ,,Никој не може да не убие, ние не умираме,,.
Роден е на 19.7.1921 година во Прилеп во ситуирано и прогресивно семејство. Татко му Петре, бил кондураџија, а мајка му Спасија, домаќинка со исклучителна добрина. Имаше еден брат, Благоја, и две сестри, Вера и Љубица. Од мал, од дедо си Тале слушал за комитите и војводите. Се воодушевувал од подвизите на војводите. Сонувал и тој да стане војвода.
Патриотизмот и љубовта кон татковината ја примил и надградувал. Со возраста, немал наситка во љубовта кон книгата. По завршувањето на основното училиште, четири класа гимназија учел во Прилеп. Соученици му биле Блаже Конески, Крсте Црвенкоски, Ордан Михајлоски – Оцка, Круме Јаскоски, Благоја Корубин. Со нив издавал весник. Ги читал Кант, Хегел, Маркс и Енгелс и друга напредна литература и белетристика. Со затворањето на гимназијата, од 1935/36 година, школувањето го продолжил во Битола. Таму се истакнувал со знаење, мисла и збор, динамичност, еруптивен дух, интелект, со широка и сеопфатна активност. Пристапувал студиозно, аналитички. Бил одличен математичар. Но, за задоволување на желбите на домашните во 1939 година се запишал на Медицинскиот факултет во Белград. Таму се истакнува со храброст и решителност. Се вклучил во револуционерното движење. Бил примен во КПЈ. Учествувал во демонстрациите организирани од напредното студентско движење. За летниот и зимскиот распуст се вклучувал во партиската организација во Прилеп.
На Илинденските демонстрации во Прилеп, во 1940 година, на кои присуствувале неколку илјади прилепчани против големосрпскиот режим, бил еден од говорниците, меѓу кои биле Ченто, Тарцан, Кузман. Дел од нив биле обвинети и завршиле в затвор. Во говорот, Борка ја ,,фрилл,, паролата: ,,Второто Илинденско востание мора да биде победоносно,, мислејќи на востанието од 11-ти Октомври 1941 година..
Во судот во Белград, со осмислена и конструктивна одбрана се осврнал на македонската социјална и ослободителна борба, бранејќи ја демонстрацијата на прилепчани како протест на обесправениот човек, афирмирајќи ја платформата на македонското национално-ослободително движење. Со брилјантниот говор оставил силен впечаток во судницата. Сепак е осуден. Отслужил во затворот на Ада Циганлија во Белград.
Во почетокот на 1941 година, под формата на ,,воена вежба,, заедно со повеќе скоевци и комунисти од Прилеп е упатен во логорот Ивањица во Србија. И таму не седел ,,мирен,,. Развил политичка и идеолошка активност. По враќање во Прилеп, во април 1941 година, ги продолжил своите партиски активности преку извонредните дискусии на разни состаноци, советувања и слично. Станал душата на нелегалното движење. Восхитувал со образованост, талент, моралната цврстина и скромност. При формирањето на новото партиско раководство на ПК на КПЈ за Македонија, Борка станал член и се преселил во Скопје, каде без здив го организирал вооруженото востание.
Историскиот 11-ти Октомври 1941 година, во Прилеп бил изведен под непосредно раководство на Борка Талески, Трајко Тарцан и партискиот секретар на МК на КПЈ за Прилеп, Вера Ацева. За односот на Вера и Борка, има нешто недоречено, сепак тоа биле две човечки природи, на кои животот им одредил поинакви патишта. Вера за Борка, за својот партиски другар напишала – ,,Поседуваше голем работен капацитет и темелност, бргу мислеше, лесно пишуваше и уште полесно говореше,,. Поради несогласување, по партиското советување во Скопје на 7.1.1942 година, Борка и Вера, како ,,фракциска двојка,,, биле партиски казнети и исклучени од Бирото. Борка се вратил во Прилеп и се ставил на располагање на партијата. Добил директива за илегална работа во Кавадарци. Заради безбедност и заштита, го придружувал Лазо Филипоски – Лавски. Добиваат порака да се вратат. На 2.3.1042 година, на патот кон Прилеп, под превојот Плетвар, кај месноста Чашка, Борка и Лазо биле убиени од бугарските полициски сили, помогнати од македонските слуги. По многу трагања, телата не се пронајдени и по 79 години од загинувањето.
Смртта не ја намалила големината. Напротив, тој станал уште поголем во очите на оние кои го познавале.
На 5.7.1951 година е прогласен за Народен херој по посетата на неговиот дом на Моша Пијаде и Александар Ранковиќ.
За Блаже Конески, тој е интелектуален генератор, а за Благоја Корубин, великодушен човек, за Љубен Георгиески – Љупта, интелектуалец, луциден ум и идејна сила, за Коле Чашуле, првоначалник на победоносното востание, за Крсте Црвенковски, стамен к и непресушен извор на идеи, за сестрата, Вера Талеска Николоска, човек со силно чувство за правичност, хуманост и дружељубие, силна интелигенција, меморија и логичка мисла, со визија за иднината.
Рубинчо Белчески – историчар
![]()

