АМАН, АМАН!!!

Белешка

До сите пи-аровци од сите политички партии

Аман! Аман! Немојте! Немојте да ја споменувате градбата на хидроелектраната Чебрен во програмите на кандидатите за градоначалници на Прилеп. И! Не, бе само за овие ,,скорешниве,,, претстојниве локални избори. Ами и за сите идни, понатамошни било какви избори, парламентарни, пратенички, претседателски, владини, паравладини и секакви, предвремени, или редовни! Знаете зошто да не ја ставате Чебрен во ниту една програма? Оти, не знам за вас, ама, ние, граѓаните кога ќе чуеме дека до таа и таа година ќе се изгради, веднаш се нафрламе, небаре испокасани од комарци, не дај Боже ќе се заразиме од маларија.

Овие 30 години, откако не е едноумие во македонсково општество, се изнаслушавме програмски задачи ли се, планови ли се, на сите кандидати за градоначалници, претседатели и влади, министри во државава. И, тоа независно од било која партија. Чинат, стави го во програмата, или во сопственото ,,ЦЕ-ДЕ,, в уста и ,,верглај,,! Сега, до в година ќе најдеме инвеститор и ќе ја изградиме Чебрен, и додаваат, Чебрен што ќе дава толку и толку илјади мегавати електрична енергија! Демек, ќе има струја за сите дури  и за извоз, и за овие сега велосипеди на струја и за автомобилите на струја што ќе доминираат во следниот век! За сé!

Арно ама зборовите  не се само ветер. Останува со години напишаното во програмите на кандидатите. Пред секои избори, било какви и било кои се распишуваат тендери и се бараат инвеститори. Но, тоа е само во програмите и хартиите, а не суштински. Немало интереси кај потенцијалните инвеститори. Изгледа бараме многу. Не им се исплаќа на инвеститорите.

Во времето на федерална држава наспроти селото Старо Лагово се изгради младинска населба од монтажни бараки. Убава, со години се користеа. Си реков – ,,Готово е,,! Млади луѓе од цела Југославија, од сите Републики и од збратимени градови со Прилеп неколку години преку лето се дружеа, живееја и работеа на патот, Прилеп – Витолиште – Мариовов. Тоа беше живот за сите нив. Фајде, и за нас  како граѓани, и за жителите на Лагово. И се разбира за жителите на Мариово, кои уште тогаш останаа многу малку. Се исселија со време, оти беа слепо црево без пат.

Младите го градеа патот за Мариово. Убајна! Се купуваше од прилепскиот пазар сé што беше потребно да се направи јадење за жителите на населбата за можеби илјада и повеќе младинци. Живнаа пазарџиите, живна градот, живна Општината…

Си правев со умот бајрам кога почна  да се гради патот, така барем се кажуваше  тогаш, дека ќе почне и градбата на хидроцентралата Чебрен. Тоа беше тогаш-затогаш. Еве мина речиси повеќе од половина век, години, Чебрен никако да да се гради. А, замислата беше, доколку тргне градбата, ептен многу ќе заживее Прилеп и Мариово. Немаше да се доиселат таму затекнатите Мариовци. Ама, патот како да помогна да се заврши исселувањето и да се кренат диво изградени маала на периферијата од градот. Од многуте жители на 16 села во Мариово со десетици илјади жители, останаа само неколку илјади главно стари и изнемоштени луѓе, а во градот се направија неколку мариовски енклави.

Џабе беше вербата дека патот ќе овозможи и ќе придонесе побрзо да се изгради посакуваната, барем во предизборијата, централа. Попусти беа повиците за поголема излезност на сите тогашни, а еве и сегашни кандидати за многуте функционерски места, почнувајќи од градоначалници и на повисоки позиции. Не е важно дали е од поголема или помала партија. Важно е да се ,,излаже,, народот и, по којзнае којпат, да им поверува на ,,верглачите,, дека ќе се изгради Чебрен!!!

К.Р.

Loading