МАНЏИ

Белешка

Факт е дека е здравствена криза. Потврден е со повеќе од  5000 починати. А, коронавирусот или помалку повеќемина го почувствуваа на својата кожа или ако сакате на здравјето. Многумина ќе речат, тоа е тоа. Арно, ај коронава дојде некако ненадејно. А и сите болести доаѓаат не надејно и не сакајќи. Ама коронава ја ,,довлечка,, и финансиската болест. За  првата некако, со мака и со молење се најдува полека, полека чаре. Но, за оваа финансискава криза која претстои, тешко нас. Допрва се заканува. Во фаза е на демнење. А понатаму? Кај сиромаштијата навасува. И кај другите им се ,,токми,, оти аздисаа. ,,Плитките џебови,, се издупија. Сé поскапе, сите производи добијаа нови цени некако преку ноќ. Затоа велам аздисавме. Овде да мислам на оние од АЕК (Агенцијата за електронски комуникации), или некако така се вика. Кај нас не се знае колку се формирани државни и парадржавни комисии. Само да има каде да се вработуваат луѓето!

Да сум некој одговорен во ова македонско општество ќе наредам, што се вели со декрет, на сите оператори, оние што ги пренесуваат ТВ каналите до нашите  домови да им забранат емитување на емисии каде гледачите можат да гледаат како се приготвуваат, разно-разни манџи, татлии, слатко-благо, сучено, пржено и не знам што уште не. Дали се свесни дека луѓето немаат леб да купат, одат и чепкаат по контењери, а овие од ТВ ги фатил бесот. И, Велигден мина ,,посен,,. Оти јагнешкото беше скапо, ама за кого како! Еден, два, или еве нека се три канали кои немаат емисија каде некој готви нешто убаво, слатко, мрсно и сигурно вкусно. А, пак оној, ТВ канал за манџи, готви непрекинато 24/7, ноќе, дење. И тоа од сите страни на светот. Еве, да го прифатам што нé ,,шета, по сите светски меридијани, сега починатиот Ентони Брдејн. Покрај тоа што кажува кадеа снима, како се јаде на свој, посебен, начин нé запознава со животот, обичаите, културата и традициите поврзани со тамошните луѓе. Интересно, и би рекол вкусно, за сечии очи. Ама тешко кај него да се видичоколада, торти, слатко-благо, де. Веќе го копираат сите и Џејми Оливер, и брадестите моторџии, па уште којзнае кој не. Тука секако е и нашата ,,Готвиме со Маја,,. Да не ја заборавиме и Адријана Алачки, со нејзиното ммм, ммм, хммм, хммм. Мртви усти да слушнат со каков занес и  сласт го прави тоа со устите, човек ќе заборави што готвеше дотогаш!

Ептен, многу, многу се готви по ова ТВ. А и не се готви и баш евтино. Колку поголема скапија, колку повисоки цени, толку повеќе и од секаде се јавуваат ,,готвачи,,. Море ,,клучот,, за сите таквите, да се прашувам јас. Ова по прилепски ми личи на онаа кога Итар Пејо го натопенувал лебот од пареата преку прозорецот од меаната. Или, онаа можеби е подобра од Марија Терезија – ,,Ако немате леб, јадете слатки,,.

Не знаат сега младиве кога нашите мајки месеа дома леб. Како ние понекогаш го носевме лебот да се испече на фурна. Носевме по пет-шест леба дневно. Колку што ќе замесеа брашно мајките и се разбира колку што ќе имаше простор на штицата. Не ретко се случуваше, иако фурнаџијата ставаше знаци и на штиците и на лебовите, се знаеја цедилата чии се и од која домаќинка, сепак се згрешаваше. Некогаш јадевме туѓо замесен леб. А, ако се подзасушеше, лесно се ,,стоплуваше,,. Ќе се искршеше сувиот леб на ситни парчиња и малку сало со вода затоплено и сол се потпржуваше на шпоретот, додека се топлевме. Мирисаше мискоња. Со малку биено сирење ако имаше, прстите ќе си ги изедевме. И тоа од исто караванче, тава за топеницата. Немаше посебен ваган за секого. Толку беше. И станувај  пеглај тутун во зима, а во лето нижи. Или ова време, ај на расади, да се навадат и да се исплеват, пустите. Немаше како сега модерни препарати да не расте трева. Прстите болеа со грбот подвиткани на пролетното сонце. И сега е за некого сиромаштија, само што сега може да се гледа на ТВ подготовки на разно-разни јадења, манџи, колку што му душа сака. Може да се насладува преку екраните и да слуша хммм, хммм, ммм…, да се оближува од она што се подготвува!

К.Р.

Loading