ТУРКАНИЦА, МЕШАНИЦА, НАВАЛИЦА, МЕТЕЖ – НЕ ,,ГУЖВА,,

ivce1Пред извесно време се избираше претседател на СДСМ. Таквите настани го привлекуваат вниманието на новинарите. Тие известуваат, коментираат, прогнозираат. Еве една реченица на новинар кој известува: ,,Во понеделник ширум земјава ќе се бира претседател на СДСМ,,. Ја прочитавме и ја слушнавме оваа реченица. Новинарот го кажа тоа без да почувствува никаков срам за грешките што ги содржи реченицата. Всушност, тој и не знае за тие грешки. А должен е да знае. Еве, да поразјасниме нешто. Новинарот вели дека изборот ќе се вршел во понеделник. Соопштението, известувањето, го слушнавме во петок. Штом станува збор во случајов, за наредниот, најблискиот понеделник треба да се рече – ,,в понеделник,, а не ,,во понеделник,,. Ако се рече ,,во понеделник,, тоа значи во секој понеделник. Да речеме, на пример: ,,Во понеделник мене ми е слободен ден,,. Значи, во секој понеделник. А, ,,понеделник ќе сечам дрва, значи тоа дејство ќе се извршува во најблискиот понеделник. Грешката што ја прави новинарот во односната реченица е мошне честа и од многу, многу луѓе.

Понатаму! Новинарот вели дека гласањето ќе се извршувало ,,ширум земјава,,. Исто така, редовна грешка. Нашиве луѓе, го слушаат српскиот збор ,,широм,, и без да мислат го употребуваат, божем помакедончен ,,ширум,,. А во нашиот јазик ,,ширум,, не е предлог, туку прилог. Не одговара на прашањето ,,каде,, туку ,,како,,. Вратата е отворена ШИРУМ. За овој прилог ќе го цитираме во целост објаснувањето на Блаже Конески: ,,Во нашиот јазик зборот ,,ширум,, е само прилог, па не може да биде правилно кога некои го употребуваат како предлог во вакви случаи: -Ширум сета наша земја, место правилното – по сета наша земја, низ сета наша земја. Реченицата за која зборувавме има и друга недоследност. Наместо ,,Ќе се избира,,, таму пишува – ,,Ќе се бира,,. Тој глагол, кај нас гласи ,,избира,, а не ,,бира,,. Секогаш е префиксиран. Според тоа: ,,В понеделник низ сета наша земја ќе се избира претседател на СДСМ,,. Така треба да гласи реченицата, ама новинарот не мисли така. Односно, не знае како. Кога би знаел, можеби навистина ќе се засрами.

Постојат повеќе српски зборови кои нашиве луѓе редовно ги користат и ги сметаат за повеќе од наши. Таков е случајот со именката ,,гужва,,. Колкупати сме ја слушале. Се разбира, со погрешно значење. Полициски час во ноќните часови затоа што тогаш се собирале млади луѓе и се создавале ,,гужви,,. Се организирале разно-разни претстави и се создавале ,,гужви,,. Се чекало по болничките ходници и се создавале ,,гужви,,. И така натаму, на многу места, во многу ситуации, по многу поводи – ГУЖВИ. Зошто толку се вљубивме во тој збор? Зошто не сме размислиле што значи тој во нашиот јазик. Веслачите во кајчињата ги прицврстуваат веслите во метални обрачи, кои се викаат ГУЖВИ. Орачите (некогаш) плугот го внесуваа, го прицврстуваа за јаремот со помош на такви метални обрачи – ГУЖВИ. А за ова што зборуваат новинарите, тоа може да биде – турканица, навалица, мешаница, метеж. Единствено, новинарот од Белград зборува подобро македонски одошто нашиве новинари. Не извести дека при вакцинацијата немало ТУРКАНИЦИ. Било убаво организирано.

Средба на двајца партиски лидери. Како ли ќе заврши? Ќе има ли некаков договор? Нагаѓања, претпоставки, коментари на извесен поранешен амбасадор. Вели дека не очекувал никакви спектакуларни резултати, но ќе имало извесен ,,помак,,. Каде ли му падна на ум овој збор? Српскиот глагол ,,помакнути,, значи нешто да се помрдне. Оттука доаѓа и српската именка ,,помак,,. Зар не може да се рече дека со разговорот меѓу двајцата лидери може да настане некое помрднување напред, чекор напред, извесен напредок и којзнае уште како! Којзнае уште колку други решенија можат да се најдат. Ете, нашиов амбасадор го одбрал токму она што не е наше – ПОМАК.

Loading