КНИГИ, КНИГИ, А НЕ КОМПЈУТЕРИ!!

Белешка

Голема врева се крена во општествово македонско околу желбата на некого и непотребното воведување на компјутерската редовна настава! Едни се За! А, повеќе од наставниците и родителите се Против! 

Мора да е така, оти ако сме единствени и практичните желби, нема да чини!

Некој рече некаде по телевизииве, (кој невели сешто по социјалните мрежи и ТВ?), дека иако имаме учебници, книги, учениците пак ќе ја побарале на компјутерот или таблетот, Википедија за да проверат дали е нештото точно?!!

Чудо некое! Зар мислат дека и младите, а и ние стариве сме ,,избудалени,, или ,,мрднати,, во компјутерите и таблетите и смарт телефоните?!  Чекај, да прашам?! Ами тој ,,газдата,, на таа ваша Википедија, тоа што го напишал го измислил?! Или, тој го препишал и го внесол сето тоа во таа  ,,светска,, Википедија од книгите! Или, можеби толку бил грамотен што сето го измислил?!

На факултет, изучувајќи ја книжевноста на сите тогашни ЈУ народи (пред половина век), во српската литература (предаваше Димче Левков – прилепчанец) се ,,сретнав,, со пишувањето, мислата и идеите на српскиот преродбеник Доситеј Обрадовиќ. Тоа беше преку книга, а не преку компјутер. Го споредуваат со значајни просветителски умови како што се  Декар, Спиноза, Лајбниц, Волтер и Гете. Тој е писател од 18 век, роден е 1740 г. Под влијаније на црковнита литература и романи, рано се замонашува. Подоцна, разочаран од хипокризијата на монашкиот живот се одречува од црковните идеи и покренува просветителска мисија во Србија темелена на филозофијата на здравиот разум и слободното одлучување. На универзитетот во Германија ги напишал делата ,,Совети на здравиот разум,, и автобиографското ,,Живот и Приклучувања,,.

Во првото дело Доситеј ќе напише дека правилното образование е темел на секој човек. Така тој се ,,скарал,, се расправал со жителите на еден град, кои ветиле пари за печатење на неговата книга, а после тоа паричната помош ја пренамениле за градба на камбанарија и купување на ѕвона. Тогаш ја кажал познатата реченица: ,,Книги, книги, браќа мои, а не камбани и прапорци,,. Наместо да градат камбанарија, според него, попаметно би било да изграделе 2 училишта, едно за машките, а друго за женските деца. Уште една забелешка. За образованието на женските деца е неопходно посебно училиште, истакнувајќи  ја Мајката како прв и најдобар учител на своите деца.

Нобеловецот  Иво Андриќ  во епохалното дело ,,Мостот на Дрина,, напишал  ,,Илија, Илија немој да ја заборавиш мајка ти,,! Ова го рекла една мајка кога Турците ги земале здравите 7 годишни деца да ги потурчат и од нив да направат јаничари. Од тоа време и на таков начин бил воспитуван и познатиот Мехмед  Паша Соколовиќ.

Има уште една реченица на еден српски охриганец. Тој вели ,,Фабрики, фабрики, а после цркви,,. Или како во информирањето. Не може да се замени пишаното, печатеното издание, весниците, со интернет порталите.

Овие ,,приказни,, ги паметам, читајќи книги, а не играјки се со глушецот по компјутерот или таблетот!!! Оние што се против книгите, можеби се во право. Ако нема книги, нема печатници, ќе се затворат библиотеките, а со тоа ќе се ,,заштитат,, и така малкуте шуми. Нема да се сечат дрвја за производство на хартија. Ќе се грееме со книгите што некогаш некој ги пишувал и ги печател!!!

К.Р.

Loading