ТРИЕСЕТТОНСКИ КАМИОНИ НИЗ ГРАД

Белешка

Дека има многу возила во градов, а улиците се тесни е факт непобитен. Минуваат многу автомобили, џипови, помали коли, а посебно камиони. Некако се ,,среди,, малку сообраќајот со ,,отворањето,, или ,,затворањето,, на Булеварот. Затоа пак по другите улички има многу, многу возила. Тоа можеби е добро.Тоа укажува дека граѓаните се добро ситуирани. Покрај еден  некои имаат и по два, три и повеќе автомобили според бројот на членовите во семејството. Во ред. А, што не е во ред, ќе праша некој?

Еве што не чини. Покрај многуте моторни возила што се движат секојдневно во градов од неколку страни влегуваат со целата своја големина многу товарни возила. Ај, тие што влегуваат од другите градови нужно со натоварените контејнери од блискоазиските пристаништа и од солунското пристаниште се движат кон царинскиот терминал да ги минат шпедитерско- царинските формалности. Редовно, а посебно во четврток, петок, сабота или недела полека со мака се движат и товарните возила што ги пренесуваат тешките и по 30 тони мермерни блокови од рудниците до терминалот кај  поранешното Сточно пазариште. ,,Стенкаат,, камионите, покрај  од  тежината на блоковите, и од должината на приколките. Јака им ,,душа,,! Ги жалам возачите кои се мачат во кабините. Се борат со воланите да го свртат камионот со должина од над 14 метри празен да појди до рудникот Сивец, или Беловодица или Козјак. Само човек да застане пред Поштата и да слушне како крцкаат приколките празни, како чкрипат гумите на тркалата, како се потат возачите да го совладаат таканаречениот ,,кружен,, тек. Некои како во смеа го нарекуваат овој  ,,круг,, во вид на бубрег. Така им наликувал! 

Не е ништо подобро и кај крстосницата кај Чумовчани. Пред семафорите додека застанат долгите и тешки камиони се тресат куќите, а и кога ќе се ,,отвори,, семафорот повторно се случува ,,земјотресение,,. Заминуваат на кај Паркот на револуцијата да продолжат за Плетвар, некои подолу на кај Беловодица или Козјак или пак сега на некоја друга блиска локација да им бидат натоварени тешките мермерни или гранитни блокови, секој со повеќе од десет, а често и по еден потежок и од 30 тони. Повторно се враќаат камионите надолу кон Сточното пазариште за да бидат блоковите ,,оцаринети,, да им се направат документи од шпедитерските фирми и да заминат повторно нагоре на кај Плетвар за Солун. Човек да не е во кожата  на возачите кои не знам како и со кое знаење ги совладуваат сите градски пречки наречени ,,кружни текови,, или раскрсници.

Пред седум-осум години, кога во новата општинска зграда имаше јавна расправа на ГУП и ДУП, (гереналниот урбанистички и деталниот урбанистички план), на надлежните им го свртив вниманието со моите тогашни и сегашни забелешки. На градските тогашни урбанисти и татковци им укажав дека не е во ред тешките камиони со мермерни блокови да влегуваат в град. Ме прашаа, зошто?. Па заради она што го пишувам. И сега им укажувам дека треба да се почитува забраната за влез на тешки товарни возила низ тесните улици и раскрсници. Тогаш ми беше одговорено, ако ми смета, да пријавам во полицијата!?! Решението го гледам во преместувањето на царинскиот терминал со шпедитерските чиновници, горе на Плетвар. Камионите и празни и натоварени ќе можат преку Леково да одат на Плетвар од едната страна. Таму со една барака можат да се завршат сите царински формалности. Возачите ниту можат, ниту има кој друг да ги промени, замени, премести тешките блокови. Тие се обележани со црвена или сина боја. Сите имаат број и така можат да патуваат до пристаништето во Грција или до некое друго.

Мислам дека сега можно е да се изведе без многу трошоци, кога градот го има првиот човек на Царината, македонска, Горан Сугарески. Така, нема да се плашиме од пцуењето на возачите додека се потат, вртејќи ги воланите на тешките и долги камиони, нема да минуваат онака недобрите улици, нема да ги слушаме и крцкањата и чкрипењата на приколките. Мора тоа да се реши или нека се заземе прилепската полиција.

К.Р.

Loading