МРКОРЕЊЕ

Белешка

-А, бе, што туку мркориш онде во весникон, а?! – ми се здаде познат пријател на пазар и ме поттргна настрана крај една празна тезга.

Очекував, да ме пофали! Си реков, некој читал и ќе каже свој усмен ,,фаце,, коментар. Наместо тоа, тој како да му сум го зел редот пред банка, каде што се чека за плаќање сметки, веднаш ме прекор.

-Што сакаш, што ти фали, ете си пензионер. Уште, што не ти чини, а? Одвреме-навреме, или како што велат на двапати годишно ја креваат џезата – пензијата! Малку, ами колку сакаш? Што работиш сега?! И ко требаше, беше чкрапач по весниците. Те ова ти смета, те она не ти чини. Вие, новинарите, ако ме прашаат мене, за никаде сте. Не треба да ве пуштат во двор, како што се велеше за попишувачите, ако се одржеше пописот, а не да влезете в куќа! Вие сте виновни за сé! Само, подлавнувате, како кученца од зад порта. Ако некој ви се врати, ви рече нешто, веднаш ја виткате опашката и почнувате пак да ,,квичите,, ако не по весници, ами се научивте модерно, по порталите. Не се знае веќе, кој колку портали има. А тие се со различни имиња. Исти сте како оние кои имаат и овде и во странство фирми, компании за сé и сешто. Во којзнае колку банки овдешни и странски имаат пари на којзнае колку различни сметки. Што ќутиш, не е така?! Кажи, не сум во право?! Кажи зошто плаќаме ТВ претплата. Слушај, немој да ми речеш, дека не плаќаме, знам јас како и колку ни се зема секој месец, јас ги плаќам месечните домашни сметки и немој да ми мркориш нешто за тоа! Чините, излези на телевизиине, веќе и за нив не се знае која и чија е, која е од власта, која е од опозицијата. ,,Леви – десни,, или којзнае уште чии и на каде сте завртени. Си знаете. Со секое менување на власта, го вртите ,,капакот,, –  страницата, односно се вртите секогаш со грбот од кај власта. Да ви дува ,,ветрот во едрата,,. Така се вели, а?. Ваш, бре став, што се вели редакциски, не сум чул со години. Само, вака рекоа од СДСМ, онака вратија од ВМРО. Затоа, ти велам дека само џавкате. Не сум чул редакциски став. Не знаеме што мислите, кој за кого е?! Нé подлажувате наутро, а и попладне, кога нема што да кажете, демек ги отворате телефоните да се ,излаеме,, и ние пензионериве. Божем, поставувате интересни прашања и ние во рамно две минути од телевизијата, ама на наш трошок, преку телефонот, почекајте малку, сега ќе бидете на ред. И, што кажуваме. Ништо. Колку да ни помине маката. Да ја исчешаме ,,крастата,,. Не оти нешто значи и нашето кажување?.

Не знаев што да му кажам! Резил ме фати, оти почнаа да се собираат и да застануваат и да се вртат и други пазарџии, што го слушаа муабетот.

К.Р.

Loading