БЕЛИ РОБЈЕ

ivce1За време на полициски час, премиерот (наводно) ургирал во Царинската управа за да можат да ја преминат границата некои возила. Новинарка од наша национална телевизија ја критикува оваа појава. Зборувајќи така, вели дека во односните возила можело да има сé и сешто. Вели дека во некои такви возила би можело да има и бело робје. Нека го расчистуваат тоа соодветните органи. Нам ни го привлече вниманието изразот ,,бело робје,,. Многупати сме го слушале тоа. Се прашуваме до кога ќе го слушаме. Зар е толку тешко и комплицирано? Зошто без да мислиме го земаме српскиот израз? Разбудете се наши драги новинари. Во српскиот јазик тоа си е сосема во ред. Кај нас не е тоа така. Само малку ако се размисли ќе се види дека именката ,,робје,, е во множинска форма (збирна множина). Е, па, како може тогаш именката да биде во множина, а придавката (бело) да биде во еднина. Ако е именката ,,робје,, во множина и атрибутот ќе биде во множина. Значи, тоа се ,,бели робје,, а не ,,бело робје,,. Исто како кога би рекле – ,,Лисјето е пожолтено,, наместо правилното – ,,Лисјето се пожолтени,,. Постојат и некои исклучоци. На пример, именката ,,цвеќе,,, ете таа останала во еднина. Всушност тоа би била збирна множина – ЦВЕТЈЕ, исто како робје, лисје, и слично. Но, таа веќе го загубила збирното значење. И како синоним на ,,цвет,, образува своја множинска форма – ,,цвеќиња,,. Да се вратиме назад. Не БЕЛО РОБЈЕ, туку БЕЛИ РОБЈЕ.

На една од нашиве национални телевизии се јавува новинар од Битола . Го објаснува случајот со извесна госпоѓа. Ги критикува надлежните кои не биле доволно ангажирани во врска со нејзината здравствена состојба. Вели дека жената била ,,непокретна,,. Зар тоа не е срамота? Зар тоа не е тотална неодговорност? Долгогодишен новинар! Зар тој не знае дека тој збор, таа придавка, не е наша. Ја нема во нашиот јазик. И не треба да ја има. И никој не треба да ја употребува, а најмалку новинар. Зар тој уште не разбрал дека овој збор, оваа придавка кај нас гласи ,,неподвижна,,. Жената била неподвижна, а не непокретна. Тој прави и други јазични грешки. Како да сака да каже дека е ,,непокретен,, во поглед на јазикот. Не мрднал, не се задвижил малку понапред и не осознал дека не треба да прави ноторни грешки.

Зошто ваква неодговорност? Зошто се прават толку многу јазични грешки? Ќе приведеме неколку реченици што сме ги слушале во определени емисии, преводи или лични искажувања. Тешко може да се запаметат зашто се многу. Еве неколку. Во превод на филм читаме: ,,Дали повеќе í веруваш на неа или на мене,,? Навистина, секој зборува и пишува како што ќе му текне. Наместо – ,,Дали повеќе í веруваш нејзе или мене,,. Преведувачот напишал, веројатно, на својот локален говор.

Во една од народните приказни, разговараат двајца учесници. Едниот објаснува дека жена му не треба да знае некои работи. Вели: ,,Ако не чуе онаа мојава,,. Како е тоа можно? Нормално би гласело – ,,Ако не чуе онаа мојана,, или ,,Ако не чуе оваа мојава,,. Актерот ги испомешал работите. Не може да биде – ,,онаа мојава,, или ,,,оваа мојана,,.

Извесен политичар го критикува противничкиот табор.  Тие нанесувале зло на општеството, ама – ,,Нив тоа не им смета,,,. Еве уште една редовна грешка. Глаголот ,,,смета,,, се користи, односно треба да се користи само во математиката. Таму се смета, се пресметува, се прават сметки. Погрешно е употребена заменката ,,нив,, треба да се рече ,,ним,,. Целата реченица треба да гласи – ,,Ним тоа не им пречи,,. Многу често ја слушаме употребата на глаголот ,,смета,,наместо ,,пречи,,. Сите го земаат зборот со српското значење. Српската именка ,,сметња,, кај нас гласи ,,,пречка,,.

Loading